Кинеската војска формираше зона за „тренинг со боева муниција“ на околу 74 километри од југозападниот брег на Тајван.
Министерството за одбрана на островот, кој Пекинг го смета за кинеска територија, соопшти дека ова било направено без претходна најава и го осуди потегот, нарекувајќи го „провокативен“ и „закана за меѓународниот превоз“.
Си-Ен-Ен објави дека ова се случува еден ден по заплената на товарен брод од страна на тајванската крајбрежна стража, кој имал кинеска екипа и бил осомничен за сечење подводни кабли во Тајванскиот теснец.
Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека нешто пред девет часот утринава по локално време забележале 32 кинески авиони во таа област, а 22 од нив се приближиле до северниот и северозападниот дел на Тајван.
„Тие извршија заедничка патрола на борбена готовност со кинески воени бродови“, изјави Министерството.
Во соопштението се додава дека „во тоа време (Кина) отворено ги прекршила меѓународните норми со тоа што еднострано прогласила зона за вежбање на околу 40 наутички милји од брегот на Каосиунг и Пингтунг без претходно предупредување“.
Од Пекинг беше испратено соопштение дека кинеската армија ќе спроведе „тренинг за гаѓање со боева муниција“.
Тајванското министерство „остро ги осуди“ овие акции.
Американската телевизија објаснува дека Каосиунг е стратешки трговски центар во Тајван, дом на најголемото и најпрометното пристаниште на островот.
Засега нема коментар од Пекинг за обвинувањата од островот.