Карло Анчелоти беше оптимистички настроен и најави дека Килијан Мбапе и Феде Валверде ќе бидат во комбинација за настап со Реал Сосиедад, но пред експедицијата да отпатува за Баскија, италијанскиот стручњак морал да го менува ставот.
Килијан Мбапе вчера имаше рутинска операција на забот и најавите беа дека ќе нема проблеми да настапи во полуфиналето во Копа дел Реј, но откако имал тешка ноќ проследена со големи болки, Анчелоти решил да не ризикува и да го остави Французинот во Мадрид.
Истиот третман на крајот го добива и Феде Валверде, кој иако тренираше и е подготвен за настап, ќе добие поштеда на втор натпревар во низа, откако не играше и против Џирона.
Третото важно отсуство во првиот тим на Реал е Тибо Куртоа, кој поради ситни болки на крајот останал во шпанската престолнина и не отпатувал заедно со тимот.
Во случајот со Куртоа не се менуваат многу нешта околу стартниот тим на Реал, бидејќи Анчелоти во Купот постојано му даваше шанса на Лунин.