Посетителите на плажата во областа Баха Калифорнија, долж брегот на Пацификот, забележале исклучително ретка риба „појасовка“, која живее на големи длабочини и ретко излегува на површина, објавија светските медиуми.
Овој вид многу ретко може да се забележи, а најчесто кога ќе пцовиса, па по бурите морето ќе ја исфрли на брегот, пренесе Гардијан.
Роберт Хејс, кој бил на плажа во Калифорнија со својата сопруга, снимил долга, рамна, светлечка риба штом ја видел во водата.
Како што рече, иако никогаш претходно не ја видел, веднаш го препознал видот на рибата, кој често се нарекува „риба на судниот ден“, бидејќи според народното верување може да предвиди природни катастрофи.
Според Хејс, рибата изгледала повредена и била однесена кај експерт за морска биологија.
Рибата која Хејс ја забележал била релативно мала, бидејќи рибите од овој вид во просек достигнуваат должина од над три метри.
Најдолгата риба појасовка која некогаш била видена била долга 11 метри, покажуваат податоците од Природонаучниот музеј на Флорида.
Овој вид риба бил забележан во водите на Калифорнија три пати во текот на изминатата година, а научниците нејзиното почесто појавување го припишуваат на променливите услови во океаните.
Според јапонскиот фолклор, оваа риба се смета за предвесник на судниот ден, иако историчарите ја оспоруваат теоријата дека таа може да предвиди земјотреси.
Оваа идеја повторно стана актуелна откако на јапонските плажи беа пронајдени 20-тина риби појасовки по разорниот земјотрес во 2011 година, пренесе Гардијан.
Сепак, јапонските истражувачи во 2019 година спроведоа студија која утврди дека не постои поврзаност помеѓу појавата на овој вид риба и земјотресите.