ДУИ ја повикува Владата на непристрасен процес на ветинг за политичарите

Макфакс

14/12/2024

13:58

240

Големина на фонт

а а а

ДУИ ја повикува Владата на непристрасен процес на ветинг за политичарите (Демократската унија за интеграција) ја повика Владата веднаш да престане со користењето на антикорупциската пропаганда за партиски цели, нагласувајќи дека тоа само создава димна завеса за прикривање на неуспесите во европската интеграција и влошувањето на меѓуетничките односи.

„Наместо да продолжи со манипулации и селективна правда, бараме Владата да започне непристрасен и сеопфатен процес на ветинг, кој ќе ги испита изворите на богатството на политичарите во последните 30 години и начинот на кој се спроведени процесите на приватизација“, велат од ДУИ.

Според нив, ваквото дејствување е единствениот начин за враќање на довербата на граѓаните и за создавање стабилен правен поредок.

ДУИ предупреди дека ако Владата продолжи со сегашниот пристап, тоа ќе води кон поголема политичка поларизација и етнички поделби, кои ќе ја поткопаат стабилноста на општеството.

„Историјата покажа дека секој обид за користење на антикорупцијата како алатка за политички реваншизам ќе се врати како бумеранг и ќе ги погоди токму оние кои ја поттикнуваат“, додаваат од партијата.

ДУИ ја критикува Владата дека не може да тврди дека гради правичност со неправедни тактики и манипулации, кои само ги продлабочуваат поделбите во општеството.

Партијата ја предупредува Владата дека користењето на емоциите на граѓаните за прикривање на стратешките неуспеси во европските интеграции и меѓуетничките односи е опасна стратегија која може да има долгорочни негативни последици.