Премиерот Христијан Мицкоски најави дека следната недела ќе биде објавен оглас за нови 600 вработувања во Министерството за внатрешни работи (МВР). Овој потег, како што истакна, е резултат на природното пензионирање на дел од вработените, но и на потребата за зајакнување на кадровскиот потенцијал.
„Многу малку се водело сметка за квалитетен кадровски потенцијал во рамки на МВР. Тоа го согледавме откако изминавме период од речиси шест месеци на анализи и истражувања. Заклучивме дека во изминатите години е правен, би рекол, епски криминал. За да се санкционира тоа и да се излезе пред правдата, потребен е човечки кадровски потенцијал,“ изјави Мицкоски.
Оваа изјава ја даде при поставувањето на камен-темелник за доградба на детската градинка „Кокичиња“ во село Таринци, Општина Карбинци.
На прашањето за најавените штрајкови во министерствата за економија и социјална политика поради ниските плати, премиерот истакна дека платите во одредени министерства навистина се ниски.
„Треба да се работи на ова. Проблемите се решаваат еден по еден. Согласно општиот колективен договор, оваа година ќе има покачување на платите, а ќе има и следната година. Очекувам, во зависност од расположливите средства, платите на вработените да се зголемуваат,“ рече Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата веќе донела одлука да не се зголемуваат платите на избраните и именуваните лица, судиите, обвинителите и членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, со цел нивелирање на коефициентите.
„Она што го ветуваме, тоа и го испорачуваме. Претходно постигнавме историски договор со синдикатите во образованието и здравството. Чекор по чекор ги решаваме работите. Потребно е трпение, но важно е дека проблемите се решаваат, а не се ставаат под тепих, како што беше досега,“ додаде премиерот.
Овој потег, како што истакна, е резултат на природното пензионирање на дел од вработените, но и на потребата за зајакнување на кадровскиот потенцијал.