Уставниот суд одби да отвори предмет по уставната иницијатива на Левица, со која беше оспорена одлуката за промена на именувањето на улици по балистички и шовинистички ликови. Одлуката беше донесена од Советот на Град Скопје во мандатот на Петре Шилегов и предизвика голема контроверза.
„Оваа скандалозна одлука, донесена од тогашната локална власт на СДС и ДУИ, освен што претставуваше популистичка мерка и обид за мобилизирање на изборни гласови од албанското гласачко тело, исто така е директна спротивност на член 6 од Законот за именување на улици, мостови и плоштади“, изјавија од Левица. Тие посочуваат дека оваа одлука ги навредува националните чувства на македонскиот народ и може да предизвика нетрпеливост и раздор помеѓу различните етнички заедници во земјата.
Според Левица, улиците кои се опфатени со нивната иницијатива сега ги носат имињата на ликови како Адем Демачи, Ернест Колиќи, Митхад Фрашери и Сул Хота, кои немаат никаква поврзаност со македонската историја и држава. Како што велат, овие имиња се спротивни на антифашистичкиот дух на борбата на македонскиот народ за слободна држава.
„Со ваквата одлука беа избришани имиња на улици кои ја симболизираат антифашистичката борба на македонската нација, како улиците ‘Втора македонска бригада’ и ‘Македонска Косовска Бригада“, изјавија од Левица, додавајќи дека ваквите одлуки имаат за цел системско бришење на заедничката борба против фашизмот, врз која почива македонската држава.
Од Левица го оценија потегот на Уставниот суд како „скандалозен“, нагласувајќи дека со одбивањето на иницијативата, судот му дава легитимитет на процесот кој, според нив, води кон ревизионизмот на македонскиот идентитет.
„Со оваа одлука се легитимизира процесот на бришење на АСНОМ и неговото значење за македонскиот народ“, заклучуваат од Левица.