Министерството за внатрешни работи (МВП) на Грузија денес соопшти дека за време на протестите во Тбилиси се уапсени 43 лица, под обвинение за нарушување на јавниот ред и мир и непочитување на полициските наредби.
МВП соопшти дека на протестот се повредени 32 полицајци, од кои 13 потешко, додека еден сè уште е во болница, објави порталот „Civil.ge“.
МВП наведе и дека користеле „специјални средства дозволени со закон за да спречи насилни дејствија“ од демонстрантите.
Според порталот „Civil.ge“, повеќе извештаи укажуваат на незаконска и прекумерна употреба на сила од страна на полициски службеници, а сведоци пријавиле и насочени напади со солзавец и комбинирана употреба на водени топови и хемиски надразнувачи.
Зградата на парламентот, околу која избија судирите меѓу демонстрантите и полицијата, од денес ќе биде под посебно „црвено ниво“ на безбедност, со што ќе се забрани влез на секого, вклучително и на новинарите, соопшти прес-службата на Собранието.
Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили изјави дека „очекува силна реакција од европските престолнини“.
„Во центарот на Тбилиси сè уште траат протести и репресии. Мета се новинарите и политичките лидери. Очекувам силна реакција од европските престолнини“, порача Зурабишвили во објава на социјалните мрежи.
Грузиските безбедносни сили вчера и во текот на ноќта се судрија со демонстрантите во близина на парламентот во Тбилиси, повремено употребувајќи водени топови, а при интервенцијата на полицијата беа повредени неколку новинари, јавуваат грузиските и руските медиуми.
Демонстрантите се судрија со грузиската полиција во Тбилиси во четвртокот вечерта, откако владејачката партија Грузиски сон соопшти дека владата ќе ги прекине преговорите за пристапување на земјата во ЕУ и ќе ги отфрли буџетските грантови на Унијата до 2028 година.
Демонстрантите, кои полицијата ги турна назад на неколку десетици метри од зградата на парламентот, фрлаа корпи за отпадоци и запалија огнови, а поставија барикади од импровизирани средства, електрични скутери и други предмети.
Вчера Европскиот парламент ги прогласи за неважечки неодамна одржаните парламентарни избори во Грузија, тврдејќи дека тие „неверодостојно ја претставуваат волјата на грузискиот народ“ и побара одржување нови избори во рок од една година, под меѓународен надзор, пренесе „Политико“.
Во соопштението на ЕП се наведува дека 444 членови на ЕП гласале за предлогот за прогласување неважечки избори, а 72 од нив гласале против и дека процесот на гласање „не бил ниту слободен ниту фер“.
Со оваа одлука ЕП ја повика Европската комисија и другите институции на ЕУ да не стапуваат во контакт со новоформираната влада формирана од партијата Грузиски сон.
Односите меѓу Грузија и ЕУ нагло се влошија во последниве месеци, бидејќи Брисел тврдеше дека грузиската влада прибегнала кон авторитарни мерки и усвоила проруски став.
Амбасадорот на ЕУ во Грузија, Павел Херчински, денес изјави дека потегот на Тбилиси да ги прекине пристапните преговори со ЕУ до 2028 година е „срцепарателен“ и е спротивно на желбите на мнозинството Грузијци.
„Она што се случи вчера јасно е во спротивност со политиката на претходната влада на Грузија, политиката на сите претходни влади на Грузија, исто така е во спротивност со желбите на огромното мнозинство на населението во Грузија. Според мене, тоа е многу тажно и потресно“, изјави Херчински, пренесува „Ројтерс“, повикувајќи се на локалната агенција „Интерпрес“.