Габор Мате, канадскиот лекар со унгарско потекло, кој се стекна со огромно искуство во проучувањето на семејните односи, и ги проучуваше прашањата поврзани со развојот на децата, траумите, автоимуните болести, ракот и зависностите, е чест гостин во бројни поткаст емисии.
Тој има напишано пет книги кои истражуваат различни теми вклучувајќи ги АДХД, стресот, развојната психологија и зависностите.
Во текот на една поткаст емисија тој го изрази своето незадоволство од зголеменото неограничено присуство на децата на социјалните мрежи и мобилните телефони, сметајќи дека постојаното гледање во телефонот и следењето на мрежите има погубно влијание врз развојот на децата и го оштетува нивниот мозок.
Како што вели тој, доколку тој бил млад родител денес, би им дозволил на своите деца да го користат интернетот само во случај кога би посакале да ги видат своите баба и дедо преку апликацијата Зум и тоа во негово присуство.
Потсетуваме, Европската унија се обидува да го намали влијанието на социјалните мрежи преку таканаречениот Закон за дигитални услуги (DSA), закон кој стапи на сила оваа година.
Законот за дигитални услуги (DSA) е регулатива на ЕУ усвоена во 2022 година која се занимава со контрола на незаконска содржина, транспарентно рекламирање и дезинформации.
Исто така актуелниот француски претседател Емануел Макрон оваа година зборуваше за потребата од ограничување на пристапот до социјалните мрежи за тинејџери помлади од 15 години ширум Европа.
Макрон во својот говор во април оваа година рече дека би сакал родителите ширум Европа да го контролираат пристапот до „дигиталниот простор“ за деца под 15-годишна возраст.
Инаку Франција донесе закон во јули 2023 година со кој се бара од давателите на услуги на социјалните мрежи кои работат во Франција да го одбиваат пристапот до нивните услуги на деца под 15-годишна возраст, освен доколку тоа изречно го дозволи еден од нивните родители или старатели.
Од друга страна Австралија синоќа по долга расправа во парламентот го усвои законот со кој се забрануваат социјалните мрежи за деца под 16 години, што сега стана важен водич за многу други земји во светот.
Лабуристичката партија на актуелниот премиер на крајот ја доби поддршката од конзервативците од опозицијата за усвојувањето на овој закон, што укажува на тоа дека станува збор за прашање од национално значење.
Законот кој го усвои оваа земја ќе стапи на сила во 2025 година, а има за цел да ја намали моќта на технолошките компании и да влијае врз промовирањето и практикувањето на здрав живот кај децата.
Со овој закон се поставуваат едни од најстрогите контроли на социјалните мрежи во светот и ќе ги принуди платформите да преземат чекори за заштита на проверките на возраста и достапноста на содржините кога станува збор за децата.
Актуелниот премиер на Австралија, Ентони Албанезе, претходно изјави дека социјалните мрежи претставуваат ризик за физичкото и менталното здравје на децата, па така за усвојувањето на законот ја бараше и поддршката на родителите ширум земјата.