Германскиот гигант "Bosch" укинува илјадници работни места

Точка

23/11/2024

09:46

813

Големина на фонт

а а а

Германскиот добавувач на автомобилски делови "Bosch" најави дека ќе укине 5.500 работни места поради продлабочувањето на кризата во секторот поради слабата побарувачка и жестоката конкуренција.

Повеќе од две третини од отпуштањата, околу 3.800 од нив, ќе бидат дистрибуирани во Германија, рече портпаролката на компанијата, наведувајќи ја континуираната „потреба за приспособување“.

Раководството ги наведе бројките во плановите, но дефинитивно ќе ги утврди во преговорите со претставниците на работниците.

Најголем дел од технолошкиот вишок ќе бидат распределени во одделот за компјутерски решенија за помош при возење и автоматско возење, каде до крајот на 2027 година ќе бидат укинати 3.500 работни места ширум светот, од кои половина ќе бидат во Германија.

Според работничкиот совет, ова ги вклучува центрите на "Bosch" во Леонберг, Абштат, Ренинген и Швибердинген во сојузната покраина Баден-Виртемберг и во Хилдесхајм во Долна Саксонија, каде што ќе бидат укинати уште 750 работни места до 2032 година, од кои 600 ќе бидат укинати до крајот на 2026. година.


"Bosch" во Хилдесхајм исто така произведува елементи за електромобилност.

Планот е, исто така, да се намалат трошоците во одделот што произведува контролни системи за автомобили и камиони. Така, од 2027 до 2030 година ќе бидат укинати до 1.300 работни места на локацијата во Швабиш Гмунд исто така во Баден-Виртемберг, што ќе значи отпуштања за повеќе од една третина од нејзините работници.

Компанијата го припишува кратењето на работните места на кризата во автомобилската индустрија.

„Глобалното производство ќе стагнира оваа година на околу 93 милиони возила, а може и малку да се намали во споредба со минатата година“, наведуваат од "Bosch".


Во наредната година, во најдобар случај, се очекува благо закрепнување поради значителниот вишок на капацитети и зголемениот притисок од конкуренцијата и цените.

Според "Bosch", на производителите им се потребни значително помалку делови за електрични возила отколку за бензински и дизел мотори, што значи вишок на работници.

Покрај тоа, пазарот за нови технологии не се развива како што се очекуваше во "Bosch" – побарувачката за системи за помош на возачот и решенија за автоматско возење е значително послаба од прогнозата.

Многу такви проекти се одложени или откажани од производителите, забележува "Bosch".




Спонзорирани линкови

Маркетинг