Израел го погоди седиштето на Хезболах во Бејрут, Нетанјаху ја прекинува посетата на САД

Макфакс

27/09/2024

22:13

505

Големина на фонт

а а а

Израелската војска соопшти дека го погодила централниот штаб на Хезболах во Бејрут, каде што неколку згради биле срушени со земја во серија големи експлозии.

Ова се најголемите воздушни напади врз главниот град на Либан во изминатата година. Либанското Министерство за здравство соопшти дека во последните напади најмалку две лица загинале, а 76 се ранети, пишува Гласот на Америка.

Нападот на предградието Дахија беше извршен веднаш откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во обраќањето до Обединетите нации изјави дека кампањата против Хезболах во Либан ќе продолжи.


Три големи израелски ТВ канали објавија дека лидерот на Хезболах, Хасан Насралах бил цел на напад во јужните предградија. Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари изјави дека цел на нападот бил штабот на Хезболах, кој се наоѓал под станбени згради. Лидерот на Хезболах е жив по нападот, изјави извор близок до групата за Ројтерс.

Пред експлозиите во Бејрут, илјадници луѓе во тоа предградие присуствуваа на погребот на тројца членови на Хезболах, вклучително и еден командант, кои беа убиени во претходните напади, пренесува агенцијата Асошиетед прес.

САД однапред не знаеле за израелскиот воздушен напад врз Бејрут, а министерот за одбрана Лојд Остин разговарал со својот израелски колега за време на таа операција, изјави за новинарите портпаролката на Пентагон Сабрина Синг. Таа одби да одговори дали израелскиот министер за одбрана Јоав Галант го информирал Остин за операцијата и дали целта бил лидер на Хезболах. Пентагон, исто така, одби да шпекулира дали Хасан Насрала се уште е жив, пишува медиумот.

Премиерот на Израел ја прекина посетата на САД и се враќа дома во сабота навечер, објави неговиот кабинет, пишува медиумот. Неколку часа претходно, Нетанјаху се обрати до Обединетите нации, ветувајќи дека кампањата на Израел против Хезболах ќе продолжи, дополнително намалувајќи ги надежите за меѓународно посредништво за прекин на огнот



Спонзорирани линкови

Маркетинг