Интернационална премиера на документарниот филм „Време на бетон“ во Прага

Точка

26/09/2024

12:23

514

Големина на фонт

а а а

Со особено задоволство ја најавуваме интернационалната премиера на долгометражниот документарен филм "Време на бетон" во режија на Игор Иванов, во рамките на 13. Фестивал за филм и архитектура во Прага.

Ова е единствениот фестивал во Чешка со архитектурата во својот фокус, кој има за цел да ја истакне како особено значаен сегмент во секојдневниот живот и да ги промовира пред пошироката публика современите архитектонски пристапи. Проекцијата е закажана за 29-ти септември со почеток од 14:30 часот, во Националната галерија во Прага.


По проекцијата ќе се одржи предавање од кураторите на изложбата „Ниедно чувствo не е конечно: Колекција на солидарноста во Скопје”, реализирана во соработка помеѓу Кунстхале Виена, Национална галерија Прага и Музеј на современата уметност Скопје.


Следната дестинација на „Време на бетон“ ќе биде 18. Интернационален фестивал на архитектонски и урбанистички филм во Истанбул, во организација на истанбулското одделение на Турската комора на архитекти. Фестивалот ќе се одржи од 7-ми до 11-ти октомври и ќе прикаже 37 филма, иновативни дела селектирани од рекорден број на пријави годинава - 850 наслови од 101 земја. Проекцијата на „Време на Бетон“ е закажана за 11-ти Октомври од 18:00 часот, во Кино Бејоглу и ќе се натпреварува за една од фестивалските награди.


Учеството на ваквите фестивали нуди исклучителна можност за афирмација на македонската култура и уметност, а „Време на бетон“ е уникатен и длабок увид во архитектонската и урбаната историја на Скопје, со посебен фокус на модерната, која го следи градот од почетокот на дваесеттиот век.

Снимен е по сценарио на Игор Иванов и Томи Салковски. Автор на нарацијата која го води филмот е Ѕвездан Георгиевски, а наратор е Никола Ристановски. Соработници на сценариото се Мишко Ралев и Јордан Минов, изборот и изведбата на музиката е на пијанистката Дуња Иванова. Кинематографер е Ѓорѓи Клинчаров, монтажата е на Дејан Смилески, а дизајнот на звук на Игор Поповски. Продуцент е Томи Салковски. Овој филм е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Комерцијален текст



Спонзорирани линкови

Маркетинг