Драмата во најголемиот гигант продолжува! "Volkswagen" бара обновување на државните субвенции за електрични возила

Точка

24/09/2024

16:28

2.372

Големина на фонт

а а а

Според неофицијални информации од медиумите, германскиот автомобилски гигант "Volkswagen" побарал да се обноват државните субвенции за набавка на електрични возила.

Германскиот автомобилски сектор има неколку отворени фронтови, од зголемените трошоци за производство до предизвикот за транзиција од автомобили со мотори со внатрешно согорување на електрични возила. Посебен проблем е падот на побарувачката на клучниот кинески пазар, односно зголемената конкуренција од кинеските производители, пренесува француската новинска агенција "AFP".

Меѓу германските автомобилски компании, најтешко му е "Volkswagen", кој веќе овој месец објави дека размислува да затвори некои фабрики во Германија поради итно намалување на трошоците. Напуштањето на фабрики во матичната земја би било првиот ваков потег во 87-годишната историја на компанијата.


Извршниот директор на "Volkswagen" , Оливер Блуме, во понеделникот изјави дека средбата со владините претставници ја гледа како можност за брза помош на индустријата.

„Пред нас се огромни предизвици … Можеби најголемите во земјава во моментов“, нагласи тој за телевизиската мрежа "NTV".

„Важно е да се разменат идеи, да се испитаат какви мерки може да се спроведат на краток, среден и долг рок, а потоа да се донесат храбри одлуки“, додаде тој.


Домаќин на виртуелниот состанок беше германскиот министер за економија Роберт Хабек, а присуствуваа неколку претставници на клучните производители на автомобили во земјата, германската асоцијација за автомобилска индустрија "VDA", големи добавувачи и синдикати.

"AFP" пренесува дека меѓу предлозите е повторното воведување на субвенции за електрични возила. Берлин ги укина минатата година, што предизвика голем пад на продажбата на електрични возила. "Der Spiegel" пишува дека "Volkswagen" наводно предложил германската држава да понуди субвенција од 4.000 евра за купување на секое целосно електрично возило, доколку производителот понуди и попуст од 2.000 евра.


Хабек одби да ги коментира информациите по интервјуто, велејќи само дека на индустријата и треба долгорочен план. Истовремено, тој предупреди на брзи решенија кои ќе го рестартираат пазарот, но само на кратко.

Друга жешка тема се регулативите поврзани со емисиите на јаглерод диоксид во Европа, изјави извршниот директор на производителот на луксузни автомобили "Mercedes-Benz" Ола Калениус за дневниот весник "Handelsblatt". Во таа пригода, насобраните разговараа за можноста за ревидирање на стандардите за емисии во ЕУ, рече Хабек, кој не можеше да вети промени.




Спонзорирани линкови

Маркетинг