Зошто пред големиот земјотрес во Турција на небото се појавила мистериозна светлина?

Точка

08/02/2023

11:37

16.728

Големина на фонт

а а а

Серија силни земјотреси ги погодија Сирија и Турција, од кои два беа посилни од 7 степени според Рихтеровата скала.

Земјотресот зад себе остави уништени градови и, според сегашните податоци, над 8.000 загинати. Непосредно пред земјотресот на небото се појавила интересна појава.

Станува збор за светла кои наликуваат на грмотевици пред бура. Овој феномен не е ништо ново, иако сè уште ги збунува научниците.

Се разбира, овој феномен е и плодна почва за теории на заговор.

„National Geographic“ пишуваше за овој феномен пред неколку години, нудејќи научни одговори за него.

Кога земјотрес со јачина од 8,1 степени според Рихтер го погоди Мексико во 2017 година, на социјалните мрежи се појавија морничави слики од зелени и сини светла на небото. Т.н. светла за земјотреси во Мексико беа уште еден мистериозен пример на феномен што ги збунуваше експертите стотици години.

Како топчести молњи, светлата за земјотреси се релативно ретки и на научниците им е тешко да објаснат што точно се тие. Работата ја комплицира тоа што не сите случаи изгледаат исто, што предизвикува објаснувања кои се движат од едноставни молњи до НЛО и појави од другиот свет.

„Светлата можат да добијат многу различни форми и бои“, изјави Фридеман Фројнд, професор по физика на Државниот универзитет во Сан Хозе и истражувач во Истражувачкиот центар Ејмс на НАСА, во интервју за „National Geographic“ во 2014 година.

Земјотресни светла низ историјата

Фројнд и неговите колеги проучувале 65 извештаи за такви светла кои датираат од 1600 година, објавувајќи ги нивните откритија во 2014 година во списанието „Seismological Research Letters“.

На пример, на 12 ноември 1988 година, луѓето пријавиле виолетово-розова светла топка долж St. Lawrence во Квебек, 11 дена пред силниот земјотрес. Во Писко, Перу, светлата се појавиле во форма на силни блесоци кои го осветлиле небото, снимени од безбедносните камери пред земјотресот со јачина од 8 степени во 2007 година. Дури и пред земјотресот во 2009 година во Аквила, Италија, биле забележани мали пламени светлина како треперат над камените улици.

Дали оваа појава е реална?

Геолошкиот институт на САД е внимателен околу тоа дали постојат светла за земјотреси или EQL.

„Геофизичарите се разликуваат околу тоа во која мера поединечните извештаи за невообичаени светла во моментот и во близина на епицентарот на земјотресот всушност претставуваат EQL“, вели институтот на својата веб-страница: „Некои се сомневаат дека било кој извештај претставува цврст доказ за EQL, додека други мислат дека барем некои извештаи убедливо се совпаѓаат со EQL“.

Што би можело да ги предизвика светлата?

Анализирајќи 65 светлосни инциденти во време на земјотрес во студија од 2014 година, Фројнд и неговите колеги теоретизирале дека светлата се предизвикани од електрични полнежи кои се активираат во одредени видови карпи за време на сеизмичка активност.

„Тоа е како да сте вклучле батерија во Земјината кора“, истакнува Фројнд.

На пример, базалтните и магматските (габро) карпи имаат ситни дефекти во нивните кристали што би можеле да ослободат електричен полнеж во воздухот. Услови поволни за светлина постојат кај помалку од 0,5 отсто од земјотресите ширум светот, проценуваат научниците, што би објаснило зошто тие биле релативно ретки. Тие исто така забележале дека земјотресните светла се појавуваат почесто пред или за време на земјотресот, а не толку многу после него.

Претходна студија покажала дека тектонскиот стрес го создава т.н. пиезоелектричен ефект, во кој карпите што содржат кварц произведуваат силни електрични полиња кога се компресирани на одреден начин. Но, една од компликациите во проучувањето на земјотресните светла е, се разбира, тоа што тие се непредвидливи и краткотрајни. Во обид да го заобиколат ова, некои научници се обиделе да го рекреираат феноменот во лабораторија.

Во студија предводена од физичар од Универзитетот Рутгерс во Њу Џерси и објавена во 2014 година, зрна од различни материјали - брашно, пластични дискови, гипс - создаваат скокови на напон кога се тресат.

Научниците го припишуваат овој ефект на триењето помеѓу зрната, што би било во спротивност и со пиезоелектричната теорија и со теоријата на Фројнд.

Сè додека се појавуваат спротивставени научни теории, дебатата за причините за сеизмичките светла останува отворена.




Спонзорирани линкови

Маркетинг