Падна дел од системот на Фондот за здравствено осигурување во кој ги има личните податоци на сите здравствено осигурени лица во земјава.
Испадот на системот се случил вчера и од тогаш се бара решение. За “Макфакс” од Фондот велат дека и покрај проблемите со кои се соочени, пациентите не се засегнати.
„Прегледите кај матичните лекари се одвиваат нормално, исто е и со издавањето на рецепти и со подигнување на лекови во аптеките. Во моментов има технички проблем и нефункционалност на дел од серверите на Фондот за здравство и тимови работат на дијагностицирање и отстранување на проблемот. Ќе информираме кога ќе утврдиме повеќе факти”, велат од Фондот.
Проблемот со системот е видлив и на официјалната веб-страница на Фондот на која не може да се отвори делот “мое осигурување”.
Испадите на системот на Фондот зачестија последниве две години. Минатата година беше прекината врската меѓу Фондот и системот „Мој термин“ па пациентите не можеа да си купат лек на рецепт во аптеките, а во 2021 година, поради технички проблеми на системот две недели доцнеше ислатата на матичните лекари среде најголем притисок од пациенти со коронавирус.