Денешната Инстаграм приказна е посветена на уметноста, а нѝ ја раскажува 30-годишната неверојатно талентирана Спасија Филипова од Скопје, која за неа вели дека е „девојка која сака предизвици и комплицирани работи“.
Иако имала огромна желба да студира уметност, поради склоп на околности дипломирала и магистрирала на Економскиот Факултет во Скопје.
Спасија повеќе од 6 години работи во македонска ИТ компанија како Директор на човечки ресурси и администрација, а како втора професија и дефинитивно прва љубов ѝ е сликањето.
„Сликам модерен реализам, најчесто реални ликови со многу емоции во комбинација со елементи од мојата имагинација. По природа сум комуникативна личност, но длабоките емоции ги искажувам токму на платно. Буквално секоја слика крие емоции, и сметам дека тоа е суштината на моето изразување. Уметноста живее и не умира никогаш. Без разлика кога некоја слика е насликана, нејзината вредност никогаш не може да биде уништена“, вели таа.
Колекција на 18 слики за изложбата „Everything that’s left are memories“. Модел за изложбата е девојката Hedvig Palm од Шведска и имавме соработка околу 6 месеци.
Оф, слика во време кога сите бевме збунети со ситуацијата во 2020-та - КОВИД-19. Инспирацијата беа сите тие нови услови во кои живеевме, односно бевме принудени. Таа нова реалност која на никој не нѝ се допаѓаше.
Многу чувства во тој момент на одлука. Слика „DECISION“ која ги покажува мислите кои одлетуваат, а длабоко болат. Она што ја повредува девојката, а нема назад, во момент на убавина, во таа секунда веќе сè е завршено. Слика на платно со големина 100см х 70см.
Еден настан кој ме воодушевува е „Burning Man“, годишен еднонеделен настан кој се фокусира на самоизразување и заедница што се одржува во пустината Блек Рок во северна Невада. Инспирацијата за оваа слика е токму од тој настан, и е една од подрагите мои слики, насликана на огромно платно за мој драг пријател.
Се трудам секојпат некоја слика да има природен крај. Колку што можам, се трудам да ја следам приказната и да ѝ дадам свој завршеток, но секогаш само ја напуштам и не ја завршувам. Ниедна слика нема крај, но засекогаш совршено ги чува моментите и чувствата.