Морбидни сведоштва на судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово: „Гледав живи луѓе како горат“

Точка

31/01/2023

18:51

2.271

Големина на фонт

а а а

Голем број од пациентите кои се лекувале во изгорената модуларна болница во Тетово имале придружба од членови на семејствата, иако на влезот од модуларната болница пишувало дека е строго забранет влез за лица од надвор.

Доктори и медицински сестри, но и роднини на пациентите, сведочеа на денешната главна расправа во судскиот процес за изгорената модуларна болница во Тетово.

Пожарот во модуларната болница во Тетово се проширил многу брзо, за 10 до 15 секунди. Вака го започна своето сведочење на судењето за горењето на модуларната болница лекарот Мустафа Тахири, кој бил дежурен ноќта на 8 септември 2021 година кога се случи трагедијата.

„Бев на смена кога се случи инцидентот. Пожарот прво се прошири во собата 3 откако реанимиравме еден од пациентите. Прво фрлив ќебе од пациентите врз огнот, но не се изгасна. Отидов да побарам кофа со вода, но не успеав да ја најдам. Отидов на Инфективната клиника да побарам помош, но додека се вратив, целиот објект беше запален. Не се сеќавам дали имаше апарат за гаснење пожар, но дури и да го имав в раце, не знам дали ќе можев да помогнам од збунетост бидејќи ситуацијата беше многу шокантна“, вели д-р. Тахири.

Докторката Шпенза Арифи сведочеше дека од сестрите побарала апарат за гаснење пожар, но дека не успеале да пронајдат.

Се обидела со шишиња со вода да помогне во гасењето на пожарот. Додаде дека им кажувале на посетителите дека не смеат да влегуваат, но дека главната преокупација им била лекувањето на пациентите.

„Останав со сопругот 28 дена по ред во модуларната болница. Никој не ме спречи да влегувам и да останам во близина на мојот сопруг. Во моментот кога видов дека пожарот се шири, се приближив да го спасам, но само го симнав од креветот и го спуштив на земја. Ја скинав мрежата на прозорецот и скокнав, добивајќи повреди на нозете, но јас преживеав. Додека престојував во модуларната болница, цело време имаше членови на семејствата на други пациенти“, рече еден од сведоците.

Некои успеале да ги спасат пациентите, но некои од роднините и самите едвај спасиле жива глава. Мумин Исмаили вели дека заедно со неговиот брат, 24 часа биле со нивната мајка. Морале да се грижат постојано за неа.


„Кога влегов внатре во собата каде избувна пожарот, веднаш медицинскиот персонал ми рече да се префрлам во друга соба. Но, пожарот многу брзо се ширеше и за кратко ја зафати цела болница. Излегов во ходникот да видам што се случува, гледав како гореа луѓе, се вратив и се обидов да ја спасам мојата мајка, но некоја од надвор од прозорецот почна мене да ме влече за да излезам. Јас се обидував да ја спасам мајката, но дел од медицинскиот персонал ми рече дека мајката веќе ја извлекле надвор. Тие не ми ја кажаа вистината, со цел да излезам јас надвор и барем јас да се спасам. Беше голема трагедија. Едвај спасивме жива глава“, раскажа Исмаили.

Судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој живи изгореа 14 пациенти болни од ковид, а уште десетина лица беа повредени ќе продолжи на 16 февруари со сослушување на уште сведоци.




Спонзорирани линкови

Маркетинг