Една мечка од Колорадо, САД, направила околу 400 селфија со камера за диви животни.
Како што наведуваат локалните власти, камерата за снимање движења во Болдер, Колорадо, снимила околу 400 фотографии од љубопитната црна мечка во ноември минатата година.
Градскиот оддел за отворени простори и планински паркови поставил 9 камери за следење и изучување на локалните видови диви животни, додека присутноста на луѓето во чувствителните живеалишта е минимизирана. Една од камерите снимила околу 580 фотографии, а на околу 400 од нив е истата мечка.
„Овие фотографии нè насмеаја, а мислиме дека ќе ги насмеат и другите. Во овој случај, мечката особено се заинтересирала за една од нашите камери за набљудување диви животни и ја искористила приликата да направи стотина селфија“, изјавил еден од вработенитe.
Службениците велат дека повеќето животни не ги забележуваат камерите кои се активираат кога животното ќе застане пред нив. Ваквиот начин на фотографирање не ги плаши и не им штети и служи за мапирање на подрачјата со диви животни, а со набљудувањето на нивното однесување се прикажува нивниот живот и како треба да се однесуваме кон нив.