Концептот „Vision 357“ претставува визуелна врска со првиот модел на компанијата „Porsche 356“.
Фери Порше во 1948-ма година го остварил својот сон за спортски автомобил – со својот тим го направил првото „Porsche 356 Roadster“. На тој начин го означил раѓањето на легендарниот бренд.
Германскиот произведувач на спортски автомобили во текот на 2023-та година со разни глобални активности ќе ја одбележи својата 75-годишнина.
Прославата почнува со специјалната изложба „Inspired by Dreams“ која ќе биде отворена во петок на 27-ми јануари во рамките на манифестацијата „Drive. Volkswagen Group Forum“ во Берлин и ќе трае до 10-ти септември 2023-та година.
Првиот модел на „Porsche“, култниот „365“, пристигнал во јуни 1948 година, а 75 години подоцна доаѓа „Vision 357“ инспириран од првенчето.
И навистина, пропорциите се тука, па и линиите по кои првиот модел бил препознатлив.
„Концептуалниот автомобил е обид да се обединат минатото, сегашноста и иднината“, рекол Михаел Мауер, потпретседател на одделението „Style Porsche“.
Бројни се деталите кои формата ја прават толку хармонична, но и едноставна и емотивна. Рачките на вратите се скриени во задното странично стакло.
Нема надворешни ретровизори, кои се заменети со камери, додека светлата се вградени во самите панели на каросеријата.
Сите стаклени површини се визуелно меѓусебно поврзани благодарение на црно обоените кровни столбови.
Посебен печат на концептот дава двобојната завршна обработка во две нијанси на сиво и големата ознака „75“ и нешто посуптилната „357“.
И да, одзади се издувните цевки како јасен сигнал дека класичниот мотор е сè уште тука. Тоа е 4.0 атмосферски шестцилиндарски мотор позајмен од „Porsche Cayman GT4 RS“ на кој концептот е заснован.
Со 500 коњски сили пружа незаборавно искуство. И еколошки е прифатлив благодарение на можноста да работи на синтетичко гориво.
„Vision 357“ дефинитивно е иднината која многумина од нас би сакале да ја видат и доживеат.