Ризикот од кардиоваскуларните заболувања значајно може да се намали со здрава исхрана и физичка активност.
Доколку имате семејна историја на болести на срцето или некои други кардиоваскуларни проблеми, тоа секако дека не значи дека и вие сте осудени на истото.
Генетиката секогаш има важна улога во здравјето на срцето, но процената е дека 90 отсто од срцевите болести со исхраната и животните навики можат да се спречат.
Д-р Норман Лепор, кардиолог, тврди дека една навика може да има катастрофален ефект и тоа не само на срцето туку и на целокупното здравје.
„Пушењето значајно го зголемува ризикот од мозочен удар, срцев удар и периферни васкуларни болести, што може да доведе до ампутација на нозете во потешки случаи“, вели д-р Лепор. Тој додава дека редовното пушење исто така може да предизвика проблеми со коронарните артерии, што може да го зголеми нивото на LDL, односно лошиот холестерол.
Доколку пушите можеби ви се чини тешко да престанете, но тоа е најдобрата работа која може да ја направите за вашето здравје.
Д-р Лепор потсетува дека сите кои пушат треба да разговараат со својот доктор за можностите кои им се на располагање за да престанат со таа штетна навика. На здравјето на срцето негативно влијае и седечкиот начин на живот, исхраната со високо ниво на заситени масти и натриум, како и прекумерна телесна тежина.