Милков: Не можеме да го прифатиме наративот дека Пендиков бил дилер

Макфакс

26/01/2023

11:25

2.700

Големина на фонт

а а а

Бугарија ќе ги преземе сите мерки за случајот „Пендиков“ и тие се веќе во тек. Ова за БТВ го изјави бугарскиот в.д. министер за надворешни работи Николај Милков.

„Кога се случи нападот врз Пендиков во Северна Македонија, првично настана паника и на различни нивоа признаа дека се работи за кривично дело од омраза. После тоа почнаа да се појавуваат сценарија дека Пендиков бил нарко зависник и дилер, а најхрабрите тврдат дека бугарските клубови се места на организиран криминал и дека се финансирани од трговија со дрога. Ова е наратив што не можеме да го прифатиме и ќе ги преземеме сите мерки“, рече Милков.

Тој веќе ги информираше министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ на Советот за надворешни работи во Брисел. Писмен меморандум за овие прашања е доставен до сите земји-членки.

„Во нашата земја треба да се одржи средба со сите амбасадори на земјите членки. Ќе се користат и други механизми, меѓу кои и механизмот на ОБСЕ, кој се уште има набљудувачка мисија во Скопје. Ги имаме алатките на Советот на Европа“, прецизира Милков.

Министерот рече и дека за прославата на Гоце Делчев на 4 февруари двете земји и главно институциите во Северна Македонија мора да останат смирени и да се воздржат од какви било провокации за да се обезбеди потребниот ред, секој што сака да оди и да се поклони.


„Што се однесува до контранападот против Ангел Џамбаски и други наши политичари, мислам дека ова е дел од некој нов македонски наратив да се направи така што нападот против Бугаринот прво да се минимизира, а систематските напади врз бугарските клубови и заедници таму ескалираат. Се започна со усвојување на репресивен закон таму, продолжи со подметнување пожар за што е добиена условна казна, по што следеше пукање, а сега и физички напад врз лице кое е припадник на бугарската заедница. Таму сакаат да ни наметнат поделена вина. Од двете страни на границата има луди глави. Не може да има такви аналогии“, рече Милков.

Изјави дека во фокусот на францускиот предлог е почитувањето на правата на Бугарите во Северна Македонија, што е заслуга на претседателот.

Тој нагласи дека не може да се стави вето на преговорите за Северна Македонија, со оглед на тоа што не се почнати.

„Јас не сум поддржувач на ветото, но Бугарија секогаш има право на глас“, појасни Милков.

Тој не сакаше да ги коментира зборовите на македонскиот претседател Стево Пендаровски, туку само рече:

„Како доктор по историја, можам да кажам дека ако има жртви на едната страна – спомнува 12 лица, би споменал илјадници луѓе кои биле убиени, 300.000 протерани меѓу двете војни. Сигурно слушнал за Голи Оток, каде што стотици Бугари беа интернирани и загинаа по Втората светска војна, само затоа што имаат бугарско самосвест. Тие немаат поим за нивната историја бидејќи сè уште не ги отвориле архивите на тајните служби, можеме да им помогнеме во тоа ако сакаат“.

И Милков смета дека Заедничката историска комисија е во траен ќорсокак, но мора да се вложат максимални напори за да се постигне напредок, бидејќи тоа го предвидуваат меѓународните обврски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг