Кинезите направија патнички авион: C919 конкурент на „Airbus“ и „Boeing“, денеска свечено испорачано првото летало

Точка

09/12/2022

18:25

3.006

Големина на фонт

а а а

Кина денеска објавила дека извршила прва испорака на новиот патнички авион „C919“, конкурент на „A320 Airbus“, истакнувајќи дека првиот комерцијален лет се планира на почетокот на следната година.

Прв авион со среден домет е развиен во Кина, иако најголем дел од важните делови доаѓаат од странство. Се смета дека ова летало на државниот произведувач „Comac“ ќе му конкурира на леталото „737 MAX“ на „Boeing“.

Првиот модел „C919“ кој може да прими 164 патници официјално и е предаден на авиокомпанијата „China Eastern“ на церемонија на аеродромот во Шангај, јавува државната телевизија „CCTV“.

Тој настан означува важно достигнување за кинеската авио-индустрија, навела телевизијата.


На самитот за аеронаутика во ноември, компанијата „Comac“ соопшти дека добила нарачки за 300 летала „C919“. Компанијата не изнела детали за цената ниту датумите на испорака.

Според кинеските медиуми четири авион треба да и бидат испорачани на компанијата „China Eastern“ до крајот на оваа година, а би почнале да летаат во првото тримесечје на 2023-та.

Развојот на авионот „C919“ не ја спречило Кина на почетокот на годината да склучи договор од 17 милијарди евра со „Airbus“.


Европскиот концерн „Airbus“, исто така во ноември, почнал со производство на леталото „A321“ во својот погон во Кина, во Тианјин.

„Boeing 737 MAX“ е приземјен во Кина уште од 2019-та година, по две авионски несреќи.

Американскиот конструктор кон крајот на октомври оваа година соопштил дека е песимист по прашањето за обнова на испораката на тоа летало, оценувајќи дека геополитичката ситуација не дозволува, барем краткорочно, да се предвиди дали ќе дојде до нејзино подобрување. Трговските тензии меѓу САД и Кина го забавиле напредокот по ова прашање, наведува „France presse“.




Спонзорирани линкови

Маркетинг