Огледалата се одличен начин за декорација на ентериерот, а воедно просторот визуелно изгледа поширок.
Без разлика дали огледалата се функционални или само украсни, нивните рефлектирачки површини се доволни за да внесат живот во просторот преку играта на светлината, боите и формите. Се разбира, најдобро е огледалото да е и корисно и убаво.
Најчесто, производителите на мебел се фокусираат на разубавување на огледалата со фантастични рамки, но некои се занимаваат и со менување на обликот на самото огледало.
Ова подно огледало, на пример, со својата форма создава речиси магична илузија како да го гледате брегот на езерото од висина. Покрај неправилниот облик на огледалото, кое асоцира на вода и брег на езеро, има и основа, односно цврст блок со остри рабови и добро изразена форма. Тоа е во контраст со течната форма на огледалото и изгледа како огледалото едноставно да сече дел од основата. Многу крајбрежја изгледаат вака кога се гледаат одозгора, и тоа е потсетник дека водата може да биде и деструктивна сила, дури и кога полека ги еродира карпите и почвата со текот на времето.
Колекцијата на скулпторски огледала „Lakes“ вклучува и други облици и големини на огледала, од кои некои претставуваат мали езера, додека други се како долги заливи. Основите можат да бидат направени од различни материјали, од дрво преку метал, до мермер.
Без разлика на обликот или материјалот што се користи, огледалата „Lakes“ несомнено ќе го внесат духот на природата во вашите домови.