Ивановска за тимот од Вашингтон: Тоа за нас е поразително, доаѓаат зошто не сме си ги завршиле домашните задачи

Макфакс

09/12/2022

15:04

3.263

Големина на фонт

а а а

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска смета дека е поразително за државата доаѓањето на тим од Вашингтон, САД, за справување со високата корупција кај нас.

Ја поздравува секоја активност за борба против корупцијата, вклучително и оваа со тимот од Вашингтон, и вели дека ваква реакција од американската амбасада била очекувана ако се земе предвид дека сите забелешки и укажувања на странските фактори што сме ги добиле, меѓу кои и од Американците, не се земени сериозно.

„Очекувано е затоа што повеќе пати амбасадорката кажа дека се зачудила од начинот на избор на обвинителот, за она што се преземало од наша страна. Тој дури не чувствуваше ни морална одговорност, да речеме, да се повлече. Што се случи со сите негови гласачи? Како општество не видовме што се случи, односно ништо не се случи. Како и да е, прочитав во медиумите дека државата побарала помош, не знам дали е тоа вистина. Во наредниот период ќе се расчистат сите овие дилеми зошто и како се дојдени тие. Тоа за нас е поразително затоа што ние не сме си ги завршиле сите домашни задачи дома, затоа доаѓаат“, рече претседателката Ивановска денес на одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

Доаѓањето на американскиот тим Ивановска го гледа како помош и поттик за надминување на реалните проблеми со правосудниот систем кои треба да се решат имајќи предвид дека сме земја која е сериозен кандидат за членство во ЕУ, а Американците нè поддржуваат во тоа.

Антикорупционерот Горан Трпеноски објасни дека доаѓањето на американскиот тим за борба против корупцијата е очекувано оти потрошиле милиони за обука на нашите правосудни органи.

„Колку милиони фрлија и потрошија за обука на обвинителите, на судиите за институциите, десетици милиони. Мислам дека ќе има некаков ефект гледајќи ги реакциите на нашите политичари. Сите што треба да се борат, односно сите кои ги водат секторите во коишто има најголема корупција, има основани сомневања за корупција, тендери, сите тие сега изјавуваат дека се борат против корупцијата. Мислам дека тоа не е реална радост, тоа е пораз за политиката бидејќи да се дојде до тоа ниво да дојде тим од Америка, единствено слична ваква работа имаше во Бугарија, кај што ја контролираа, значи дојдено е вистина до дното. Не ги прифаќаат сите лаги и она што им се сервираа дека еве ние се бориме против корупцијата, им даваат погрешни информации и сега дојдени се да слушнат со свои учи и да видат со свои очи каде се тие пари“, рече Трпеноски.

Пред два дена американската амбасадорка Ангела Агелер соопшти дека тим од Вашингтон допатувал во земјава за да направи поагресивен преглед на минатите и сегашните корумпирани актери и посочи дека на судството му требаат повеќе истраги за да покаже дека никој не е над законот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг