За многу луѓе, „Facebook“ е главен извор на информации во денешниот свет. Но, во соопштение од понеделникот, Мета се заканила дека ќе ги повлече сите вести од својата водечка платформа.
Тоа било известување кое збунило многу корисници. Во центарот на вниманието е предлог законот кој се пробива низ Конгресот, за кој Мета и Марк Закерберг сметаат дека ја намалува вредноста која платформата им ја пружа на новинските куќи.
Енди Стоун, директор за политика за комуникации на компанијата на Мета, издал предупредување во име на компанијата, велејќи дека, ако Конгресот го усвои „непромислениот закон за новинарство“, социјалната мрежа ќе биде принудена да разгледа целосно отстранување на вестите од платформата.
Meta statement on the Journalism Competition and Preservation Act: pic.twitter.com/kyFqKQw7xs
— Andy Stone (@andymstone) December 5, 2022
„Законот за конкуренција и зачувување на новинарството не го препознава клучниот факт: издавачите и емитерите сами ја поставуваат својата содржина на Фејсбук бидејќи тоа е од корист за нивниот резултат – а не обратно“, продолжил тој. „Ниедна компанија не би требало да биде принудена да плаќа за содржините кои нејзините корисници не сакаат да ги видат и тоа не е значаен извор на приходи“.
Очигледно е дека медиумите како што е овој, кои пишуваат за овој закон и одговорот на Мета, може да имаат некоја инхерентна пристрасност. Но, истражувањето на „Pev Research Center“ од септември минатата година изгледа дека ја пробива дупката во аргументот на Стоун дека корисниците не сакаат да видат одредена содржина.
Тоа истражување покажало дека нешто помалку од половина (околу 48 проценти) од возрасните Американци рекле дека ги добиваат вестите од социјалните мрежи „често“ или „понекогаш“. А кога станува збор за тоа каде Американците редовно добиваат вести на социјалните мрежи, Фејсбук ги надминува сите други социјални платформи.
Постојат два закони кои ја предизвикуваат оваа акција на Мета, а двата се нарекуваат закон за конкуренција и зачувување на новинарството (JCPA). Мета има проблем со клучната одредба, која би го принудила Фејсбук и другите платформи да ги надоместат издавачите и емитерите.
Ејми Клобучар, сенаторка од Минесота, ја претставила најновата верзија на законот со поддршка од двете партии оваа година. Тоа би им овозможило на издавачите да преговараат со социјалните мрежи за тоа како нивната содржина се дистрибуира и би им дало право да бараат од платформите да платат за тоа.
Социјалните мрежи го промениле начинот на кој вестите се дистрибуираат во современиот свет – а технолошките компании не така одамна биле приврзаници и сојузници на новинските куќи.
Во 2015-та година, Фејсбук ја активирал функцијата со име „Instant Articles“ која прикажувала вести од неколку надворешни медиуми на платформата, давајќи им 100 проценти од приходите од огласите на тие куќи. Неодамна, меѓутоа, Фејсбук најави планови за постепено укинување на таа иницијатива, велејќи дека истата сосема ќе исчезне до следниот април.
Тоа ги поттикнало новинските куќи да лобираат кај законодавците и да ги принудат социјалните мрежи да платат за нивната содржина. Тој напор бил успешен во Австралија, каде Фејсбук и другите биле принудени да плаќаат. Фејсбук накратко го блокирал пристапот до вести таму, но на крајот се премислил откако законот бил изменет.
Американскиот закон исто така не е единствен на радарот на Мета. И Канада и Нов Зеланд разгледуваат слични закони, за овој гигант да можат да го стават на „јадица“ за уште поголеми потенцијални исплати – или забрана на вести, пишува „Fast Company“.