По смртта на инфлуенсерката Маја Миа Јанеска, на социјалните мрежи се појавија многу коментари со навредлива содржина за веќе покојната девојка.
Откако дел од јавноста во неверување го проследи ширењето на недолични коментари за личност која повеќе не е помеѓу нас – инфлуенсерката Миа Костова, по претходно ветување, сподели видео на кое детално анализира едно од лицата кои поттикнуваат булинг на социјалните мрежи.
Имено, познатата и влијателна Миа Костова вчеравечер покрена движење со цел да го прекине ширењето говор на омраза, под хаштагот „Не биди Славица“.
Костова, како што вели, по „кратко истражување“ на профилот S St Boev, открива дека извесна Славица има околу 60 години, таа е академска личност – има завршено хемија, живее покрај океан и отворено шири говор на омраза за инфлуенсерките во Македонија, па и пошироко. Особено интересно е тоа што речиси сите инфлуенсерки за кои споделила некаков статус со недолични и навредливи коментари – се русокоси.
Објавата која ја испровоцирала Костова да сними вакво видео за Славица е всушност хејт насочен кон покојната Маја Миа Јанеска.
Само неколку часа по смртта на Маја, Славица споделува и фотографии од неа во кои споредува како инфлуенсерката се облекувала пред студенти, а како на Инстаграм.
На профилот на Славица може да се најдат и статуси и фотографии и од други наши инфлуенсерки, а Костова повикува „Да не бидеме Славица“ и да прекинеме со злонамерни коментари на социјалните мрежи за лица кои, во најмала рака, не се дел од нашиот живот.
Видеото на Миа Костова на Инстаграм брои повеќе од 90.000 прегледи за помалку од 24 часа, а многу јавни личности го поддржаа ова движење, кое навистина треба да допре до секој човек во земјава кој има пристап до Интернет.
Ц.Н.