Американскиот суд ја отфрли тужбата против саудискиот принц за убиството на новинарот Кашоги

Макфакс

07/12/2022

10:18

691

Големина на фонт

а а а

Американскиот федерален суд во Вашингтон ја отфрли тужбата против престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, за убиството на саудискиот новинар Џамал ​​Кашоги, со образложение дека тој ужива имунитет пред американскиот суд како актуелен шеф на странска влада.

Окружниот судија Џон Бејтс рече дека не сака да ја отфрли тужбата, но нема избор со оглед на одлуката на администрацијата на Бајден, пренесува „Ројтерс“.

Адвокатите на американското Министерство за правда, во поднесокот до судот во ноември наведоа дека администрацијата на Бајден утврдила дека принцот Мохамед, „како актуелен премиер на странска влада, ужива имунитет на шефот на државата од јурисдикцијата на американските судови“.

Со кралски декрет во септември беше решено престолонаследникот од неговиот татко да ја преземе и функцијата премиер, а администрацијата на Бајден најави дека верува дека тој е заштитен од можно кривично гонење во САД, по тужбата против Мохамед бин Салман и другите поднесена од Џенгиз, заедно со организацијата за човекови права „Демократија за арапскиот свет сега“, која ја основа Кашоги.

Кашоги, новинар и истакнат критичар на престолонаследникот бин Салман, беше убиен во саудискиот конзулат во Истанбул во октомври 2018 година. Ријад потоа објави дека поранешниот новинар на „Вашингтон пост“ бил убиен во „нечесна операција“ од агенти испратени да го убедат да се врати во Саудиска Арабија.

Се верува дека бил распарчен, иако неговите останки никогаш не биле пронајдени. Американските разузнавачи заклучија дека престолонаследникот на Саудиска Арабија го одобрил убиството на новинарот кој критички пишувал за суровите методи на принцот Мохамед да ги замолчи оние што ги сметал за ривали или критичари.



Спонзорирани линкови

Маркетинг