Кон половината на месец ноември, NASA ја лансираше мисијата Artemis од вселенскиот центар „John F. Kennedy“ и го започна проектот на враќање на луѓето на Месечината.
Напоредно со тоа, организирани се и операции на Земјата, поточно длабоко во пустината Аризона каде астронаутите ја тестираат опремата и новиот лунарен ровер.
Операцијата EVA (Extravehicular Activity) и D-RATS (Desert Research and Technology Studies) дизајнирани се да имитираат услови на слетување на Месечината и да им помогнат на инженерите на NASA да дизајнираат технологија, протоколи и потребни алати.
Астронаутите вежбале под слабо осветлување и симулирале слетување на Месечевиот јужен пол, пренесува „New Scientist“.
Истовремено, тие ги пробале новите одела, користеле алати за собирање примероци и вежбале „месечево одење“ по тежок пустински терен.
Да ве потсетиме, NASA планира да ги врати луѓето на Месечината до месец декември 2024 година, а проектот е поделен во три фази.
Претходно биле откриени 13 потенцијални локации за мисијата Artemis 3, а секоја од нив се наоѓа во внатрешноста на шест степени географска ширина од лунарниот јужен пол.
Кога станува збор за операцијата D-RATS, тестиран е ровер којшто еден ден, покрај Земјиниот природен сателит би можел да го освои и Марс.
Новата генерација на лунарни возила поседува робусни тркала, унапреден систем на управување и кабина под притисок.