Кина: Уапсениот новинар не се претставил како репортер на „Би-Би-Си“

Макфакс

28/11/2022

13:48

1.143

Големина на фонт

а а а

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека новинарот на „Би-Би-Си“, кој беше приведен и ослободен неколку часа подоцна, додека известувал за протестите во Шангај, не се претставил на полицијата како новинар.

Портпаролот на министерството, Жао Лиџијан, оцени дека објавата на „Би-Би-Си“ за овој инцидент не го одразува она што навистина се случило, пренесе „Ројтерс“.

„Според нашето разбирање, изјавата на ‘Би-Би-Си’ не е точна. Властите во Шангај потврдија дека дотичниот новинар не го открил својот новинарски идентитет, не ја покажал отворено својата странска прес-картичка. Инцидентот се случил откако полицајците побарале од луѓето да се разотидат, a некои од нив не соработувале, па биле одведени од местото на настанот“, изјави Жао.

Странските новинари во Кина се обврзани да носат картичка издадена од владината служба за акредитација за да се идентификуваат како акредитирани новинари кога известуваат за одредени настани.

„Би-Би-Си“ вчера објави дека кинеската полиција нападнала и привела еден од нивните новинари кој известувал за протестите во Шангај, но дека тој бил ослободен неколку часа подоцна.

„Би-Би-Си е крајно загрижен за односот кон нашиот новинар Ед Лоренс, кој беше уапсен и со лисици додека известуваше од протестите во Шангај. За време на неговото апсење, тој беше претепан од полицијата, иако имаше ингеренции“, рече портпаролот на британскиот јавен сервис.



Спонзорирани линкови

Маркетинг