Намалена затворската казна на Мијалков, наместо 21 година ќе изнесува 13 – Апелација ја укина првостепената пресуда за „Трезор“

Точка

25/11/2022

14:41

2.827

Големина на фонт

а а а

Поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, сега има 8 години помалку во папката со неправосилни затворски казни.

Од вкупно 21 година и 3 месеци, затвор од првостепените пресуди, сега на Мијалков му остануваат 13 години и 3 месеци.

Апелацискиот суд Скопје одлучи дека треба да ја укине пресудата за „Трезор“ со која Мијалков беше осуден за казна затвор осум години, а која се однесуваше на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија, пренесува „ММС“.

 „Апелациониот суд Скопје по одржана јавна седница, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите С.М. од С., Г.Г. од С., Н.С. од С. и Т.Ј. од С., изјавени преку нивните бранители, со што ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување“, соопшти Апелациониот суд.

При разгледување на пресудата, повисокиот суд констатирал дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка, со што се доведува во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик.

Со укинувањето на оваа пресуда сега ослободени се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски кој доби 15 години затвор, а е во бегство. Ослободен е и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, кому му беше изречена казна затвор од пет години. На поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ, судот му изрече затвор во траење од пет години, но и тој е сега слободен граѓанин, пренесува „а1он“.




Спонзорирани линкови

Маркетинг