(Видео) Шефот на „Wagner“ пратил „крвав“ чекан во Европскиот парламент

Точка

24/11/2022

20:03

4.478

Големина на фонт

а а а

Шефот на платеничката група „Wagner“, Јевгениј Пригожин, во четвртокот наутро во Европскиот парламент пратил чекан прекриен со лажна крв. На тој начин сакал да одговори на потегот на европарламентаците кои во средата изгласале Русија да се прогласи за држава спонзор на тероризмот, а „Wagner“ го вброиле во листата на терористички организации.

На чеканот имало амблем на „Wagner“, а рачката била извалкана со лажна крв. Пригожин чеканот, кој бил спакуван во кутија за виолина, го пратил по својот адвокат кој го оставил на портата. Видеото од примопредавањето е објавено на каналот „Grey Zone“ на „Telegram“, пренесува „Jerusalem Post“.

Потсетуваме, „Wagner“ е приватна платеничка воена група со блиски врски со Кремљ. Познати се по учеството во најжестоките борби за клучните подрачја во војната со Украина. Иако се базирани во Европа, познато е дека се борат во Сирија, како и во северна и субсахарска Африка.

„Европскиот парламент е распуштен“

Пригожин порачал дека одржал состанок со командантите на „Wagner“ групата и дека одлучиле да го прогласат Европскиот парламент за распуштен. Инаку, на почетокот на ноември на социјалните мрежи кружела снимка од ликвидација на руски војник со чекан, кој побегнал на украинската страна. Проруските блогери порачале дека тоа е одмазда за неговото наводно предавство.

Жртвата од инцидентот со чеканот е киднапирана во Киев и однесена преку државната граница, пред да биде убиена со неколку удари со чекан во главата. Жртвата, идентификувана како 55-годишниот Јевгениј Нужин, во видеото ги кажува своите последни зборови и детално опишува како е заробен и најавува што ќе се случи.

„Добив удар во глава и ја изгубив свеста по што се разбудив во овој подрум. Ми кажаа дека ќе ми судат“, вели Нужин на снимката. Веднаш потоа добил неколку удари од непознат маж во маскирна облека. Откако паднал на земја, неидентификуваниот маж му задал уште еден удар во главата.

Европскиот парламент утврдил дека Русија со воените напади на цивилни цели како што е енергетската инфраструктура, болниците, училиштата и засолништата го крши меѓународното право. Меѓутоа, иако во средата ја прогласиле Русија за држава спонзор на тероризмот, тој потег е само симболичен бидејќи ЕУ нема воспоставено правна рамка за имплементација на правни мерки.



Спонзорирани линкови

Маркетинг