Легендарниот режисер Мартин Скорсезе вчера го прослави својот 80-ти роденден, а по тој повод медиумите се навратија на некои од неговите најинтересни режисерски техники.
Имено, Скорсезе има специфични правила за актерите со кои работи, а за некои од овие правила и самиот Леонардо ди Каприо признал дека се практично невидени во филмската индустрија.
Едно од првите правила на Скорсезе е дека заплетот е спореден во однос на неговиот однос со актерите во филмовите.
„Секогаш е сосредоточен на она што актерот го дава и таа динамика еден на еден. Заплетот за него е спореден. Неговиот фокус е да ја пронајде сржта на приказната преку актерите со кои работи“, изјавил Ди Каприо за „New York Times“ во 2020 година.
Зборувајќи за „The Hollywood Reporter“ во 2014 година, Ди Каприо нагласил колку Скорсезе ја усовршува врската меѓу актерот и режисерот.
„Тој го почитува процесот на актерот. Тоа се гледа и по филмовите што ги прави, но навистина нема подобар. За него вашата изведба е најважна, а филмот на крајот е структуриран околу она што вие правите како актер и она што тој го дава… тоа е процес кој треба да се негува и тоа е нешто што е талент за себе затоа што е тешко да нè поттикнете ние како актери да се чувствуваме удобно на снимањето и да бидеме најдобри“, вели Ди Каприо.
Актерите кои работат под режисерската палка на Скорсезе исто така треба да очекуваат да бидат заглавени на „многу долги, приватни проби“.
Снимателот Мајкл Ние зборувал за „Story First“ за времето кое го поминал со Скорсезе на филмот „Shutter Island“ од 2010 година.
„Тој поминува доста време со актерите на многу долги, приватни проби. Кога ќе започнат пробите пред камера, актерите се исклучително подготвени. Скорсезе им дава мали белешки на актерите додека екипата е присутна, но ако дојде до значајни промени, екипата се тргнува настрана за да има кратка приватна проба“ вели снимателот.
Во едно неодамнешно интервју, сценаристот Теренс Винтер потврдил колку Скорсезе е посветен на својот занает, откривајќи дека режисерот „се борел“ една од најпознатите сцени на „The Wolf of Wall Street“ да се појави во филмот. Винтер открил дека сцената со јахтата што тоне за малку немало да влезе во финалната верзија бидејќи била прескапа.
„Бидејќи сценариото беше предолго, се плашевме дека ќе има работи што ќе треба да ги исечеме – како што е секвенцата кога бродот тоне и тие се спасени на море. Беше толку дива и толку скапа сцена. Мартин продолжи да се бори и рече: ‘Мораме да го имаме овој кадар. Морам да го имам’“, изјавил сценаристот во интервју за „The Hollywood Reporter“.