Ковачевски утре на првиот состанок на Европската политичка заедница во Прага

Макфакс

05/10/2022

14:44

1.274

Големина на фонт

а а а

Премиерот Димитар Ковачевски на покана на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и на чешкиот премиер, Петр Фијала, утре во Прага ќе учествува на првиот состанок на Европската политичка заедница заедно со лидерите од вкупно 44 земји, од кои 27 земји членки на Европската Унија, земји од Западен Балкан, Швајцарија, Норвешка и Исланд, како и Азербејџан, Грузија, Турција и Украина.

Учество е предвидено и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен.

На првиот состанок на Европската политичка заедница во Прага премиерот Ковачевски ја предводи владината делегација во чиј состав се и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Програмата на настанот содржи пленарни дебати и дискусии на тркалезни маси поврзани со актуелни прашања за енергетската и економската криза, снабдувањето со енергија и енергенти, како и дискусии поврзани со климатските предизвици, но и мирот и безбедноста во контекст на руската воена агресија врз Украина.

Премиерот Ковачевски ќе учествува на пленарна сесија заедно со министрите Османи и Николовски, а потоа со лидерите на европските земји на тркалезната маса посветена на енергетиката и економијата.

Дополнително, предвидени се и билатерални средби.

За време на посетата, премиерот Ковачевски, заедно со премиерот на Украина, Денис Шмихал, ќе присуствува на потпишувањето договори помеѓу Република Северна Македонија и Украина поврзани со слободната трговија и обезбедувањето храна.



Спонзорирани линкови

Маркетинг