Проектилот прелетал далечина од околу 4.600 километри, на висина од 1.000 километри, а достигнал 17 пати поголема брзина од звукот, тврдат јапонските власти.
Северна Кореја лансираше балистичка ракета која ја прелета Јапонија, прв пат по пет години, а претходно не предупредила, што се смета за крајно провокативен чин и претставува ескалација во тестирањето на оружје на Пјонгјанг.
Проектилот го прелета северниот дел на Јапонија рано утрово и се верува дека завршил во Пацифичкиот океан. Станува збор за 23. тест кој Северна Кореја го изврши оваа година, додека за споредба, Пјонјганг во 2020-та изврши четири, а во 2021-ва осум тестови.
Проектилот прелетал далечина од околу 4.600 километри, на висина од 1.000 километри, а достигнал 17 пати поголема брзина од звукот, тврдат јапонските власти. За споредба, американската островска територија Гуам е оддалечена од Северна Кореја на 3.380 километри.
Експертите за „CNN“ велат дека деталите од летот на проектилот укажуваат дека станува збор за топ „Хвасонг 12“, балистичка ракета со среден домет (IRBM) која последен пат е тестирана во јануари.
„Таа ракета Северна Кореја ја тестира од 2017-та година. Не е баш нова ракета“, вели Џефри Луис, директор на Источноазиската програма за неширење на нуклеарно оружје при институтот CNS.
Тој меѓутоа, додава дека нејзиното лансирање е значајно поради далечината која може да ја мине.
„Северна Кореја има неколку ракети со краток домет и тие не би можеле да ја прелетаат Јапонија, но има мал број на ракети кои можат да ја минат таа траекторија“, наведува тој.
Северна Кореја обично лансира проектили во водите кај брегот на Корејскиот полуостров, поради што овој лет преку јапонската територија е попровокативен, како од практични, така и од симболични причини.
Ненајавеното лансирање на ракетите може да претставува ризик за авионите и бродовите кои претходно не добиле предупредување да ја избегнуваат таа област, бидејќи проектилот лета додека не падне на својата мета.
Доколку тестот не бил успешен, ракетата би летала пократко и би можела да падне во густонаселени делови на Јапонија.
Американски авиони во минатото биле приземјени од претпазливост по севернокорејските лансирања. А кон крајот на ноември 2017-та година пилотите на неколку комерцијални авиони пријавиле дека виделе ракета како се приближува до Јапонското море.
Сепак, Луис нагласува дека таквите ризици се статистички мали, посебно кога се тестираат ракети далеку во Пацификот и оние кои на голема висина ја прелетуваат Јапонија. Ова лансирање претставува провокација бидејќи Пјонгјанг ја лансирал ракетата преку својот сосед, вели тој.
Јапонците, како што вели, веруваат дека овој потег го крши нивниот суверенитет.
Тоа би било како Русија да лансира ракета преку Флорида – објаснува Луис.
Експертите тврдат и дека ова е знак на амбициите на Ким Јонг Ун да развива оружје.
Различни се мислењата за тоа што ја навело Северна Кореја денеска да ја лансира ракетата. Роберт Ворд, висок соработник за јапонски безбедносни студии на Меѓународниот институт за стратешки науки, укажува дека Јапонија се соочува со повеќекратни безбедносни закани, од агресивната Русија на север, до Кина на југ.
„Северна Кореја можеби се обидува да ја искористи таа нестабилна меѓународна ситуација која ја гледа како ветар во грб“, вели тој.
Луис не се согласува со тоа и тврди дека иако Северна Кореја понекогаш реагира на неспецифични акции на западните актери, таа во главно има свој план и на неа не влијаат конкретни моменти.
Постојат практични причини за тестирањето. Северна Кореја често паузира со тестовите во текот на летото и продолжува со нив во есен и зима, што значи дека сега според Пјонјганг се создале добри услови за вршење на тестови, додава тој.
Од друга страна, Џозеф Демпси, воен аналитичар при Меѓународниот институт за стратешки истражувања, додава дека денешното патување на ракетата можеби е проба за некој подобар тест.
Ваквите типови на ракети се предвидени за мети со долг домет, така што прелетот преку Јапонија може да му помогне на Пјонгјанг да ја тестира прецизноста на ракетите на долги дистанци.
Ким Јонг Ун на почетокот на годината вети дека ќе развие нуклеарно оружје со најголема можна брзина, а експертите велат дека денешното лансирање е дел од тоа настојување да се унапреди оружјето.
„Северна Кореја ќе продолжи да изведува ракетни тестови сè додека не заврши моменталниот круг на модернизација“, вели Луис додавајќи дека нуклеарен тест би можел да се случи во секое време.
Дека Северна Кореја се подготвува за нуклеарен тест Вашингтон и Сеул предупредуваат уште од мај, а сателитските снимки покажуваат активности во нејзината подземна локација за нуклеарни тестови.
Ако Северна Кореја изведе таков тест, тоа би бил нејзин седми подземен нуклеарен тест, а прв по речиси пет години.
Покрај ракетите Хвасонг-12, Северна Кореја има уште три интерконтинентални балистички ракети способни да ја прелетаат Јапонија, иако тие сè уште не се тестирани во својот целосен домет, вели Луис.
Лајф-Ерик Изили, вонреден професор по меѓународни студии во Сеул, додава дека е можно Северна Кореја да чека да пројде Конгресот на Кинеската комунистичка партија кон средината на октомври, па да изведе уште позначаен тест.
„Режимот на Ким развива оружје како што се тактички боеви глави и подморнички балистички ракети во рамките на својата долгорочна стратегија да ја помине Јужна Кореја во трката во вооружувањето и да им направи проблеми на американските сојузници“, вели Изили.