„NTV“, која е во сопственост на руската гасна компанија „Гаспром“, објави застрашувачка репортажа за потенцијалниот армагедон што би се случил доколку Русија употреби нуклеарно оружје, со снимки од „печурки“ кои се креваат по падот на нуклеарната бомба.
Во тој телевизиски прилог Западот е обвинет дека премногу зборува за нуклеарна војна, додека пропагандистите на Путин постојано се закануваат со употреба на оружје за масовно уништување.
„Се наоѓаме во ситуација кога надмоќта во ресурсите и конвенционалното оружје е на страната на Западот“, вели во видеото Василиј Кашин, политички аналитичар од Вишата економска школа во Москва.
„Моќта на Русија се заснова на нејзиниот нуклеарен арсенал“, додава тој, а во прилогот исто така се прикажува и како оружјето оди западно од Краснојарск, град во Сибир.