Што прави ЕУ за руските дезертери?

Точка

29/09/2022

21:13

2.830

Големина на фонт

а а а

Европската унија е поделена кога станува збор за односот кон руските воени обврзници кои бегаат од земјата. Некои земји не сакаат да ги примат, други, како Германија, се подготвени да го направат тоа.

Неодамнешниот апел на украинскиот претседател Володимир Зеленски за мажите во Русија бил недвосмислен: „Спротивставете се на мобилизацијата! Бегајте!“

Стотина илјади воено способни Руси, на делумната мобилизација веќе реагирале со бегство во соседните земји, во кои можат да влезат без виза. Сателитските снимки покажуваат километарски колони од автомобили на границите со Грузија, Казахстан, Финска и Монголија. Малубројни меѓународни летови од Русија минатата недела се распродале за само неколку часа.

Затворање на границите за дезертери

Владите на Казахстан и Грузија во вторникот порачале дека сите Руси кои бегаат од мобилизацијата се добредојдени. Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токајев објаснил дека многу луѓе не гледаат друг излез во оваа ситуација: „Мораме да се погрижиме за нивната безбедност. Тоа е политичко и хуманитарно прашање“. Таа изјава покажува дека казахстанската влада се повеќе се противи на руската војна во Украина. Таа одбива да ги екстрадира дезертерите во Русија.

Од друга страна, Турција изгледа сака да го спречи доаѓањето на Русите. Авиокомпанијата „Turkish Airlines“ ги сопрела сите линии кон Белорусија и разни дестинации во Русија. По рускиот напад на Украина, Турција била меѓу малубројните земји која сè уште имала директни летови за Русија. За оние кои сакаат да ја напуштат Русија можностите се намалуваат. Но воено способните мажите бегаат како знаат и умеат. Минатите денови во близина на граничните премини со соседните земји биле пронајдени стотици велосипеди.

Балтичките земји во меѓувреме речиси целосно ги затвориле своите граници кон Русија. Уште од средината на септември не дозволуваат влегување на руски туристи. Министерот за надворешни работи на Летонија, Едгар Ринкевичс рекол дека тоа е поради загриженоста за безбедноста. Министерот за надворешни работи на Литванија Габриелиус Ландсбергис бил остар: „Литванија нема да им дава азил на оние кои бегаат од својата одговорност. Русите треба да останат и да се борат. Против Путин“. Премиерката на Естонија Каја Калас на Твитер напиша: „Не им даваме азил на руските мажи кои бегаат од својата земја. Тие треба да се борат против војната“.

Скептичен е и белгискиот премиер Александер де Кро: „Не може да има намера Европа да им каже „да“ на сите Русите кои ја избегнуваат војската и кои не се согласуваат со режимот во Русија“, рекол Де Кро за весникот „De Zevende Dag“.

Според податоците на европската агенција за заштита на границите Фронтекс, минатата седмица во ЕУ пристигнале 66.000 руски државјани, од кои 30.000 само во Финска. Тоа е 30 проценти повеќе отколку една недела порано. Има извештаи и за луѓето кои бегаат од украинските области кои ги окупирала Русија, наведува „Фронтекс“.

Финската гранична служба во меѓувреме предложила на деловите од границата со Русија да се постави ограда. Во Финска легално можат да влезат само оние кои имаат пасош и во шенген виза – иако властите признаваат дека ги разгледуваат и барањата за азил на руските бегалци.


ЕУ бара заедничка линија

Минатиот понеделник на таа тема разговарале амбасадорите на земјите во ЕУ. Еден од предлозите бил на руските дезертери, барем привремено, да им се понуди заштита. Европската комисија во Брисел во вторникот соопштила дека е во контакт со земјите членки и дека се бараат решенија.

Правната рамка за давање на азил е јасна: „Кога станува збор за луѓе кои доаѓаат во ЕУ и бараат меѓународна заштита, тоа мора да биде загарантирано“, рекол портпаролот на Европската комисија Ерик Мамер. Земјите на ЕУ би морале да одлучуваат за секое барање поединечно, но земајќи ја предвид геополитичката ситуација и загриженоста за безбедноста. Но, државите членки од тоа извлекле многу различни заклучоци. Комисијата планира во блиска иднина да претстави насоки врзани за таа тема.


Германија сака да им пружи азил на дезертерите

Германската влада во принцип го потврдува правото на азил за дезертерите кои бегаат од Русија. „Секој што храбро се спротивставува на режимот на Владимир Путин и на тој начин се доведува во опасност, може да поднесе барање за азил во Германија поради политички прогон“, објаснила минатиот викенд министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

Проблемот е тоа што според важечките правила барателот на азил барањето мора да го поднесе во првата земја на ЕУ во која влегува – а тоа се или соседните земји или земјите до кои се доаѓа со авион, бидејќи од почетокот на војната веќе нема директни летови кон европските градови. За Русите затоа е речиси невозможно да поднесат барање за азил во Германија.


Тешка правна ситуација

На сето тоа се додаваат и правните прашања: ако на еден дезертер му се заканува затвор, дали тогаш станува збор за прогон во смисла на законот за азил? Во прирачникот на организацијата на ОН за бегалци стои дека стравот од кривично гонење и казнување за дезертерство или одбивање на служење на воен рок, само по себе не претставува оправдан страв од прогон во смисла на Конвенцијата за бегалци, објаснува британскиот експерт за миграција Колин Јео на сајтот „Free Movement“.

Меѓутоа, ако руските воени обврзници веродостојно докажат дека биле принудени да извршат воени злосторства во Украина, тогаш би имале право на заштита според Женевската конвенција за бегалци, додава адвокатот.

„Законот кој се однесува на воената служба не му олеснува на дезертерот да го докаже својот случај“, вели Јео. Од една страна е опасноста од воени злосторства, а од друга страна паушалниот заклучок дека дезертерите немаат право на азил.




Спонзорирани линкови

Маркетинг