Над 130 домаќинства во Лисиче добија еколошки уреди за греење и енергетско-ефикасни фасади

Макфакс

28/09/2022

15:28

1.022

Големина на фонт

а а а

Во дворот на основното училиште „Димитар Македонски“ во населба Лисиче денеска се одржа завршниот настан од проектот „Справување со загадувањето во Град Скопје“, кој во изминатиот период низ неколку фази се реализираше во Општина Аеродром.

Проектот е финансиран од Шведската амбасада со поддршка на УНДП, а опфати енергетска обнова на 130 домаќинства во населба Лисиче, при што беа спроведени сет мерки за енергетска ефикасност, вклучително и замена на старите и неефикасни уреди за греење, чија крајна цел е справување со загадувањето на воздухот.

„Шведска го поддржа УНДП во овој проект кој им помогна на речиси 130 домаќинства да ги направат своите домови помали загадувачи, со почист воздух во затворените простории. Тоа, исто така, го поевтини нивното загревање во текот на зимските месеци, што јасно покажува дека може да се изнајдат решенија што ќе ги опфатат сите“, изјави шведската амбасадорка Ами Ларсон Џеин на денешниот настан.

Градоначалникот Тимчо Муцунски го потенцираше значењето на овој проект кој е од огромна помош за жителите што се најпогодени од проблемот со загадувањето.

„Како Општина сме посветени на изнаоѓање трајни решенија при справувањето со загадениот воздух, но секогаш треба да целиме кон повеќе. Од клучно значење за квалитетот на животот во Аеродром е да креираме модели со кои ќе придонесеме за намалување на загаденоста, а некои веќе даваат и конкретни резултати.“

Имплементацијата и спроведувањето на овој проект почна со поставување станици за мерење на загадувањето на воздухот на повеќе локации.

Општина Аеродром останува отворена за соработка со сите фактори во општеството кои на свој начин придонесуваат за подобрување на животната средина и создавање здрава и чиста околина. Oпштината досега реализираше конкретни чекори како што се субвенциите за електрични тротинети и велосипеди, енергетски ефикасни фасади на домовите и училиштата, фотоволтаици на сите училишта и градинки, редовното чистење на депониите, бришењето на маркиците за градба и изградбата на неколку нови паркови се само дел од овие чекори во процесот за подобрување на животната средина. Проектот „Чист Аеродром“ или „Clean AirDrom“ – Нула цврст отпад, финансиран од Европската Унија е само уште една потврда за нашите заложби поврзани со здравата и чиста животна средина.



Спонзорирани линкови

Маркетинг