(Видео) Лансирањето на футуристичките луксузни куќи на вода отишло во погрешен правец откако една од нив започнала да тоне пред присутните

Точка

28/09/2022

11:16

21.387

Големина на фонт

а а а

Неодамна компанијата „Ocean Builders“ со седиште во Панама лансираше флота еко куќички, дизајнирани за живот на вода.

Целиот свет беше воодушевен од овие еко куќички кои се спој на квалитетна изработка со зелена технологија и обезбедуваат живот во луксуз, 3 метри над вода.

Меѓутоа, едно се соништа, а друго реалност. Шлаканицата на реалноста ја добија основачите на компанијата кога го претставија првиот прототип „SeaPod“ во природна големина, а структурата се срушила и потонала. На самиот настан присуствувал и претседателот на Панама, Лаурентино Кортизо, како и бројни ценети гости и ѕвезди.

Прототипот „SeaPod“ бил претставен во марината Линтон Беј на северниот брег на Панама. Сè изгледало одлично на настанот сè додека еко куќичките одеднаш не се претвориле во единици кои потонуваат. Интересно е што локалните медиуми известувале за откривањето на прототипот без никакво споменување на срамниот настан, но германската публикација „Blick“ објавила видео на кое се гледа како структурата се превртува на страна.

„SeaPod“, како што кажува самото име, е стан во затворен минималистички простор, 3 метри над вода. Секоја куќичка нуди 80 квадратни метри животен простор кој се простира на 3 нивоа, опфаќа примарна спална соба, дневна соба, кујна, купатило и голем простор за складирање. Секој дом е исто така опремен со 57 квадратни метри панорамски прозорци и поплочен двор за непречен поглед кон океанот.


Со помош на паметен прстен кој го носи сопственикот, може да се контролира сè, од осветлување и температура до топлина на водата за капење и нејзиниот притисок. Овие куќички чинат приближно 295.000 долари и можат да достигнат цена од 1,5 милиони долари врз основа на надградби и приспособувања.

По немилиот настан, компанијата „Ocean Builders“ преку соопштение објави дека елегантната бела куќа на вода започнала да се „дестабилизира“ на крајот на настанот. Се наведува дека никој не е повреден, а причината се истражува.






Спонзорирани линкови

Маркетинг