(Видео) Ковачевски во ОН: Немаме друга алтернатива за подобар животен стандард од членство во ЕУ

Макфакс

24/09/2022

19:06

2.191

Големина на фонт

а а а

Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на Генералната дебата на 77-то Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк. Тема на годинешната генерална дебата е „Tрансформативни решенија на испреплетени предизвици“.

„Силата е во заедништвото. Оваа лекција дека здружено можеме повеќе отколку сами, денес светот ја учи во неочекуваните околности со коишто сме соочени во 21-от век: прво пандемијата, а сега и суровата војна во Украина. Неопходно е заедништво на демократскиот свет, сега и понатаму, во надминувањето на последиците од светски размери, со коишто се соочуваат државите во Европа и пошироко во светот“, изјави Ковачевски.

„Република Северна Македонија, во здружените напори за одговор на почетокот на војната во Украина, се постави веднаш и стопроцентно на линија на надворешната политика на Европската Унија и демократскиот свет. И тоа го сторивме како држава којашто е определена кон мир, кон решенија базирани на дијалог, кон европските вредности. Но и како земја, којашто од сопственото искуство научи дека мирот, силата и напредокот доаѓаат со заедништвото – и кога воспоставивме независност по мирен пат во 1991-та година – и кога се издигнавме над внатрешниот меѓуетнички конфликт во 2001-та година – и денес, кога преку воспоставениот концепт на „Едно општество за сите“, сме пример за функционална мултиетничка демократија, значаен фактор на стабилноста на Западен Балкан, а со тоа и на Европа и доверлив партнер на меѓународната демократска заедница“, додаде тој во неговиот говор.

Ја пренесе, како што рече, пораката на неговата земја: непредизвиканата агресијата на Руската Федерација врз Украина претставува флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации, како и на нормите и принципите на меѓународното право. Таа не може да се оправда, ниту да се релативизира. Руската Федерација мора веднаш да ја прекине агресијата и да ги повлече своите трупи од Украина. Историјата ни потврдува дека ниту еден проблем не може да се реши по насилен пат. Прекинувањето на агресијата е неопходност и предуслов да се отвори единствениот можен пат до решението. Тоа е патот дипломатијата и дијалогот, којшто може и мора да биде единствениот механизам за разрешување на споровите и предизвиците меѓу државите.

„Неизвесноста околу снабдувањето со храна и со енергија ќе ги продлабочи разликите на глобално ниво меѓу богатиот Север и сиромашниот Југ и ќе доведе милиони луѓе на работ на основна егзистенција, дури и во опасност од глад. Ефектите ќе ги почувствуваме сите – и економски повеќе развиените и помалку развиените држави. Конкретно, денес, во надминувањето на последиците на војната во Украина, неопходно е да се удвојат напорите за зајакната меѓународна солидарност и меѓусебно помагање на рамноправна основа во Европа, каде импактот од војната во Украина е најголем и пошироко во светот. Ова посебно се однесува на изнаоѓањето можни решенија за надминување на предизвиците околу снабдувањето со електрична енергија. Но и храна. Во овој контекст, ја нагласувам значајната активна улога на генералниот секретар, Антонио Гутереш, како и на Турција, во посредувањето за извозот на жито од Украина“, потенцира Ковачевски.

„Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат најголем кредит бидејќи предолго го чекаа овој момент, и јас разбирам зошто можеби се чувствуваат фрустрирано и уморно одејќи по тој долг пат кон Европа. Но, ние немаме друга алтернатива која ќе ни овозможи подобар животен стандард, а и никој не рече дека сето ова ќе биде лесно. Напротив, и покрај сите потешкотии, ЕУ е сѐ уште најдобрата опција за нашата иднина, за иднината на нашите деца. Ние, едноставно ја немаме ниту можноста, ниту привилегијата да се откажеме сега. Дотолку повеќе, сега е вистинското време да продолжиме со полна пареа, уште побрзо напред.

Сакам да потенцирам дека членството на Република Северна Македонија во ЕУ е од суштинско значење и за самата Европска Унија, посебно во новите околности на глобален план, кога овој знак на охрабрување – дека процесот на проширување е актуелен го очекува целиот регион, којшто колку и да има прогресивни раководства не е имун на глобалните предизвици. А и, во услови кога треба и мора да се осигура евроинтеграцискиот, демократски пат на државите од Западен Балкан, како придонес во европскиот мир“, напомена премиерот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг