Водачот на „Пинк Пантери“: „За 17 секунди празнев златарници! Точно се знаеше кој ја блокира вратата, кој наоѓа купувач – жените имаат клучна улога!“

Точка

22/09/2022

21:33

10.239

Големина на фонт

а а а

Имал многу имиња, безброј лажни пасоши и документи. Десеттина пати бил апсен и осудуван, па годините ги поминал во најпознатите европски затвори, а најтежок му бил црногорскиот затвор.

Тој е Рајко Чаушевиќ. За себе вели дека е првиот црногорски крадец џентлмен, признавајќи дека со децении ограбувал низ Европа и со тоа себеси си обезбедил луксузен живот.

Јавно признал дека е идеен лидер и творец на познатата ограбувачка банда „Пинк Пантери“.

Интерпол оваа група ја нарекувал „уметничка дружина“, а тој за српски „Курир“ ја отворил душата.

„Долго европската полиција бараше кои се тие двајца луѓе Сине и Миле. Сите ние меѓу себе се нарекувавме Сине и Миле, така што не можеа да ни влезат во трага никако. Имавме само некои наши жаргони и посебни зборови, па тука беа на пример: „кај си бе?“, „еве сум во шумата“, што значеше дека е во илегала или пак некаде на друго место се крие. Така ние почнавме да ја водиме таа некоја наша војна“, изјавил Чаушевиќ.


„Тоа сè само по себе се развиваше. Ние никогаш не мислевме дека ќе станеме медиумска атракција. Започнавме со кражба на обични работи, провали во бутици, ексклузивни вили. Но, одеднаш почнавме со тоа што некогаш јас го работев во Германија. Влегувате во некоја продавница, ќе ги поздравите вработените, ќе зграбите нешто и бегате од продавницата. Многу беше важно да бидеме брзи со нозете“, изјавил Чаушевиќ.

„Тоа не е лесно, но со текот на времето човекот го добива тој посебен адреналин. Тој адреналин ни го даваа и девојките кои беа со нас тогаш. Тие имаа важна улога во нашите животи. Што би биле ние без нашите жени. Јас имам четири жени и шест деца кои се родени во Европа“, изјавил Чаушевиќ.


„Неколку пати имав речиси милион во својот капитал. Тоа брзо се троши. Имаше еден момент кога Папок, јас и нашите пријатели ограбувавме по 2 до 3 златарници за ноќ. Ќе ограбиме една, па гледаме друга покрај неа и тогаш еден ќе кажеше: утре нема да можеме кога ќе видат соседите дека оваа златарница е ограбена, ќе се обезбедат. Па, така потоа и другата златарница ја ограбувавме“, изјавил Чаушевиќ.

„Мојот т.н. успех е тоа што зборував многу странски јазици и имав подготвени станови. Со денови и месеци бев тука, организирав сè и имав купувачи што веднаш можев да ја реализирам работата. Момчињата и девојчињата кои доаѓаа од Балканот имаа сè подготвено. Нивната работа беше само тоа за кратко време да ја завршат работата и да не ги интересира ништо друго.


Во моментот кога сето тоа ќе започне точно се знае кој прв влегува, кој ја блокира вратата. Имаше фактори на изненадување. Мене рекордот ми е 17 секунди провалување и празнење на златарница“, изјавил Чаушевиќ.

Основачот на „Пинк Пантери“ не сакал да ги открие „крупните ѕверки“ со кои работел, но сепак го издвоил Душко Мартиновиќ.




Спонзорирани линкови

Маркетинг