Раскинувањето на една од најдолгите врски од светот на познатите, онаа помеѓу колумбиската ѕвезда Шакира и фудбалерот Жерард Пике – и понатаму не престанува да ја интригира јавноста.
Пејачката сега првпат проговори за нејзината разделба со човекот со кого помина 12 години.
Шакира и Пике на почетокот на летото објавија дека се разделуваат, одлука која следуваше откако пејачката дознала за неверството на нејзиниот партнер.
Пике моментално има нова девојка со која веќе се појавува во јавноста, а пејачката за првпат си ја отвори душата и откри што претставува тоа за неа.
„Тешко ми е да зборувам за ова. Понекогаш мислам дека сето ова е лош сон од кој ќе се разбудам. Но, вистина е. Она што исто така е вистина е дека врската со таткото на моите деца, за која мислев дека е нешто толку свето и посебно, се претвори во нешто вулгарно и евтино, поради медиумите. Веројатно ова се најтемните моменти во мојот живот“, започнала Шакира за „Elle“.
Пејачката открила дека сето ова се случувало додека нејзиниот татко бил на интензивна нега и дека и понатаму се обидува да најде баланс помеѓу својата болка и настојувањето да ги заштити децата.
„Нашето разделување не е како обичните разделувања. Не ми е само мене тешко, туку и на моите деца. Тука се папараците кои кампуваат пред мојата куќа 24 часа дневно и не постои место каде што можам да се сокријам од нив, со моите деца. Не можеме да се прошетаме во парк како обично семејство или да отидеме на сладолед, да правиме било што, а да не нè следат. Се обидов да ги заштитам, бидејќи тоа ми е главна мисија во животот. Но потоа во училиште ќе слушнат некои работи од своите другарчиња или ќе наидат на некои непријатности на Интернет и тоа едноставно ги погодува“, раскажува Шакира.
„За жените како мене, кои сонуваат да имаат семејство - да видат како тој сон се распаѓа на парчиња, веројатно е една од најболните работи низ кои може да поминете. Но, мислам дека ние жените сме отпорни. Нам нѝ е судено да се грижиме за они кои зависат од нас. Така преживувам, потсетувајќи се дека морам да бидам пример за моите деца. Тоа е мојата најголема сила“.
Шакира истакнала дека таа и Жерард се родители, без оглед на нивниот однос и дека ќе настојува да им пружи најдобра иднина на своите синови.
„Можам само да кажам дека сè што имав вложив во оваа врска и во своето семејство. Пред децата да тргнат во училиште, водев номадски живот. Отсекогаш живеев како уметник, патувајќи без престан, заминувајќи на различни делови од светот, на турнеи, настапи, промоции... Но, на крајот на 2014 година знаев дека сето тоа морам да го ставам во втор план и својата кариера да ја ставам во втора брзина. Знаев дека морам да се скрасам, да ги пуштам корењата во Барселона и да бидам тука за Милан и Жерард, а подоцна и за Саша“, рекла Шакира.
Како што изјавила, некој морало да се жртвува, а тоа била таа.
„Жерард сакаше да игра фудбал и да ги освојува насловните страници, а јас морав да го поддржам. Еден од нас мораше да се жртвува, зарем не? Или тој ќе го раскинеше договорото со Барселона и ќе се преселеше со мене во САД, каде што е и мојата кариера, или тоа би го направила јас. Еден од нас двајца мораше да ја направи таа жртва и тоа бев јас. Мојата кариера ја ставив во втор план, дојдов во Шпанија и го поддржав да стане фудбалер“, рекла пејачката.
Напоменала дека тоа била „жртва на љубовта“.
„Благодарение на тоа, моите деца можат да имаат ваква мајка, а јас со нив имам неверојатна врска која е нераскинлива и која нè одржува. Тоа е сè“, заклучила Шакира.