Што значи делумната мобилизација на Путин

Макфакс

21/09/2022

13:50

5.537

Големина на фонт

а а а

На почетокот на својот говор Путин рече дека Западот сака да ја уништи Русија и дека се работи за одбрана на земјата.

Во следниот момент тој најави делумна мобилизација и рече дека настаните поврзани со мобилизацијата ќе започнат на 21 септември.

„Потенцирам дека тоа е делумна мобилизација. Мобилизацијата почнува денеска, 21 септември. На Русите кои ќе бидат мобилизирани ќе им бидат дадени сите поволности и гаранции“, рече Путин и наведе дека мобилизираниот персонал ќе добие и дополнителна обука.


Половина час по Путин, министерот за одбрана Сергеј Шојгу и се обрати на нацијата и појасни дека ќе бидат мобилизирани 300.000 војници.

Како што пишува „Индекс“, делумната воена мобилизација е поим што се користи практично во целиот свет, но може да се разликува од земја до земја во одредени аспекти.

Во случајот со Русија, исто како што рече Путин, делумната воена мобилизација значи дека резервистите ќе бидат повикани во армијата и тој процес почнува веднаш. Резервистите се „резервни војници“ во секоја земја, а всушност тоа се луѓе кои завршиле со служење војска.


Во Русија, воената служба се’ уште е официјално задолжителна и трае 12 месеци. Тоа е задолжително за сите мажи на возраст од 18 до 27 години. Исто така, избегнувањето на воениот рок се казнува со затвор до две години.

Шојгу изјави дека ќе бидат повикани 300.000 резервисти, од 25 милиони со кои, како што рече, Русија располага.

Најавата на рускиот претседател Владимир Путин за делумна мобилизација уследи по потегот на Долниот дом на рускиот парламент, Државната дума, во вторникот за измена на законот за воена служба, заострувајќи ги казните за прекршување на воената служба – како дезертерство и затајување, пишува „Си-Ен-Ен“.


Предлог-законот предвидува затворска казна до 15 години за избегнување служење или кршење на службена воена наредба.

Пратениците и сенаторите на Државната дума подготвија и измени на Кривичниот законик, предлагајќи затворска казна до пет години за уништување или невнимателно оштетување на оружје и воена опрема за време на војната, објави државната новинска агенција РИА Новости.



Спонзорирани линкови

Маркетинг