(Видео) Софтверот што го набавил Рашковски не работел: Toj не можел ниту да се вклучи, а не пак да мери брзина, вештакот тврди дека не е завршен

Макфакс

21/09/2022

12:10

2.344

Големина на фонт

а а а

Софтверот што го набавил Драги Рашковски како генерален секретар од фирмата „Инвока груп“ на Даниел Станчев не работел. Ова го констатира Мане Пиперевски, вештак од областа на информатичка технологија.

Тој вели дека првин од Станчев му била дадена погрешна лозинка, а кога ја добил точната од адвокат и направил вештачење, додава: „Дојдов до констатација дека софтверот не функционира за целта за која е изработен“. Во судницата беше прикажана и грешката што се јавува, со што софтверот не можел да профункционира за да се испроба дали точно мери брзина и може да се користи за изрекување казни.

„По инсталирањето, се појави грешка поради која не можеше софтверот да се стави во функција и да се продолжи со детаљна проверка на неговите функционалности. Што значи софтверот не беше функционален за да се проверат сите наведени функционалности. Од таа причина, заклучувам дека софтверот не е функционален, не е конфигуриран во согласност со техничкото упатство дадено на ЦД-то. Бидејќи софтверот не влезе во функција, не можеше да се отиде на терен за да се испита дали функционира во согласност со барањата од наредбата на јавниот обвинител“, рече вештакот Пиперевски.

Дополнително, софтверот не можел да работи со секакви камери, додава вештакот.

„Тој не може да работи со други камери, освен со тие (четири камери) подигнати од Владата. Дојдов до констатација дека софтверот не функционира за целта за која е изработен“, додаде тој.

Бидејќи софтверот не можел да се вклучи, вештакот не можел да провери дали навистина софтверот мери брзина, констатира прекршоци кај возачи, но и да детектира дали некое возило е регистрирано или украдено, поминува на црвено светло, престројувањето, сообраќајниот метеж. Дополнително, вештакот е дециден дека иако Рашковски барал, Станчев не испорачал софтвер што ќе има безбедносни стандарди со оглед дека податоци се зачувувале на интернет (FTP).

„Предметниот софтвер не може да се стави во функција, со што не може да мери брзина. Променливост на локација на мерните инструменти, со што возачите нема да знаат каде се мерните места – предметниот софтвер е предвиден да користи разни камери за разни локации и лесно да се преместуваат – дизајнот на софтверот го исполнува барањето, но бидејќи тој не може да се стави во функција, не може да се потврди исполнувањето на овој услов. Автоматско пресметување прекршок и генерирање казни, предметниот софтвер не може да се стави во функција, со што не се исполнува барањето. Системот мора да покаже ефикасност, скалабилноста (проширување со нови камери на повеќе локации) е од големо значење и во рамките на тоа треба да има можност да работи со голем број уреди/камери – бидејќи софтверот не може да биде функционален, не може вештото лице да го утврди исполнувањето на овој софтвер“, додаде вештакот.

Софтверот не бил преведен ниту целосно на македонски јазик.

„Софтверот не е целосно завршен. Според пројавената грешка во процедурата на конфигурација на софтверот, се заклучува дека тој не можел да биде имплементиран“, констатира вештакот Мане Пиперевски.

Рашковски се гони бидејќи обвинителката Ивана Трајчева тврди дека тој го местел тендерот за да го добие „Инвока груп“ на Станчев, а исто така набавил софтвер што е нефункционален. Дополнително, Трајчева докажува дека Рашковски им делел хонорари на хонорарци во Владата, а потоа дел од парите зел за себе.



Спонзорирани линкови

Маркетинг