Финското министерство за одбрана соопштило дека два руски авиони од типот "MiG-31" денеска го нарушиле воздушниот простор на Финска, во близина на градот Порво во Финскиот залив.
Шефот за комуникации во финското министерство Кристијан Вакури за "Reuters" изјавил дека до кршењето дошло утрово во околу 08:40 часот, а авионите оделе кон западната страна, наведувајќи дека руските авиони биле во финскиот воздушен простор две минути.
„Тие влегоа во финскиот воздушен простор еден километар“, рекол Вакури, не прецизирајќи дали авионите биле испратени од финскиот воздушен простор.
Финска веќе отворила истрага по повод кршењето на воздушниот простор.
Руското министерство за одбрана денеска соопштило дека преместило три авиони од типот "MiG-31", опремени со хиперсонични проектили во енклавата Калињинград.