Новиот ТикТок тренд носи ризици по здравјето: Корисниците ја лепат устата пред спиење, а еве и зошто

Точка

16/08/2022

14:12

15.145

Големина на фонт

а а а

Новиот тренд на ТикТок е означен како опасен по здравјето, а станува збор за лепење на устата во текот на ноќта за да се поттикне дишење преку нос во текот на спиењето.

Хаштагот #mouthtaping (лепење на устата) има 24 милиони прегледи на платформата и опфаќа низа видеа во кои корисниците демонстрираат како ги лепат усните во обид да поттикнат дишење преку нос во текот на сонот.

Во едно видео корисничката тврди дека т.н. трик за спиење ѝ помогнал подобро да спие и дека дишењето преку нос, за разлика од устата, може да спречи појава на лош здив и болести на непцата.

Уште едно популарно видео кое минатата година го сподели здравствениот тренер Кори Родригез изнесува слични тврдења, а истото има повеќе од 5 милиони прегледи.

„Целта е да дишете преку нос додека спиете, а не преку уста“, објаснува тој на снимката. Родригез додал дека секоја вечер ја лепи устата со лента, тврдејќи дека тоа му овозможило подобра орална хигиена и го намалило рчењето и сувата уста.

Меѓутоа, постојат мал број научни истражувања за предностите на лепење на устата и експертите брзо ги отфрлиле ваквите тврдења изнесени на ТикТок.

Британската фондација за спиење открила дека несаканите ефекти од лепењето на устата може да вклучуваат иритација на или околу усните од лентата и нарушување на спиењето поради отежнатото дишење преку нос.

Во меѓувреме, експертот за спиење Џејмс Вилсон рекол дека предностите на дишење преку нос не се вредни за ризикот од лепење на устата.

„За жал, лепењето на устата е екстремен начин како да поттикнете дишење преку нос што има сериозни здравствени ризици“, вели тој за „Newsweek“.


Ризиците би можеле да бидат особено високи за оние со апнеа за време на спиењето, што е состојба при која се јавуваат паузи во дишењето или периоди на плитко дишење за време на сонот.

„Ако тоа е случај, лепењето на устата ќе го влоши вашето здравје и може да придонесе за посериозни проблеми како што се срцеви заболувања, хронична опструктивна белодробна болест и мозочен удар, особено ако се применува додека страдате од апнеа при спиењето“, вели тој.



Спонзорирани линкови

Маркетинг