Манчестер Јунајтед потроши повеќе од една милијарда евра на трансфери во последните 9 години, но во овој период, клубот забележа значителен пад во секој поглед, и тоа по најуспешната ера на „црвените ѓаволи“ предводена од Сер Алекс Фергусон.
Легендарниот Ферги во 2013-та година реши дека е време за повлекување и препуштање на кормилото, но откако се случи тоа, Јунајтед го загуби својот сјај и веќе неколку сезони талка во празно и изгледа полошо со секој нареден тренер.
Ужасниот старт на сезоната под водство на Ерик Тен Хаг му носи дополнителен притисок на холандскиот стручњак, но легендите се свесни дека веќе не е до тренерите, туку до лошото менаџирање на клубот, започнувајќи од самиот врв со семејството Глејзер.
Во вчерашното понеделничко студио на „Скај Спортс“, Гери Невил направи брутална анализа за потрошените 1,25 милијарди фунти од 2013-та година наваму, заклучувајќи дека Јунајтед се претворил во гробница за фудбалери и издвои само две засилувања кои имале успех на „Олд Трафорд“.
– За жал, овој фудбалски клуб се претвори во гробница за фудбалери. Регрутирањето на играчи е ужасно од семејството Глејзер и тоа е еден од најголемите проблеми на Манчестер во изминатите 10 години. Менуваа менаџери и дозволуваа менаџерите да имаат влијание во регрутирањето и тоа се покажа како голем проблем. Гледаме во последните 10 години дека биле потрошени 1,25 милијарди фунти на големи засилувања. Само две засилување имале добри перформанси и се покажале како добри. Тоа се Бруно Фернандеш и Златан Ибрахимовиќ, – вели Невил.