Шолц за барањето Германија да ги забрани визите за Русите: Ова не е војна на рускиот народ

Макфакс

16/08/2022

12:00

1.357

Големина на фонт

а а а

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Берлин нема да поддржи неколку европски земји кои ги повикаа членките на ЕУ да престанат да издаваат туристички визи за руските граѓани.

Земјите кои ја поддржуваат таквата забрана велат дека Русите не треба да можат да одат на одмор во Европа додека Москва е во војна во Украина.

Финска и Данска сакаат одлука на ЕУ, а некои земји од ЕУ кои граничат со Русија повеќе не им издаваат визи на Русите, јавуваат агенциите.

„Ова не е војна на рускиот народ. Тоа е војна на Владимир Путин и ние мора да бидеме многу јасни за тоа“ – рече Шолц.

Тој на прес-конференција на маргините на еднодневниот состанок на петте нордиски лидери во Осло рече дека е важно да се разбере дека има многу луѓе кои бегаат од Русија бидејќи не се согласуваат со рускиот режим.

„Сите одлуки што ги носиме во рамките на ЕУ не треба да го отежнуваат одењето до слобода, напуштањето на земјата“ – рече Шолц.

Се очекува прашањето за визите да биде покренато на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ на 31 август.



Спонзорирани линкови

Маркетинг