(Видео) Силно невреме го зафати Кавадарци, паднати дрва, поплавени улици и подруми

Макфакс

13/08/2022

23:06

4.551

Големина на фонт

а а а

Силно невреме проследено со интензивен пороен дожд, силен ветер и електрични празнења вечерва го зафати Кавадарци, пишува на социјалните мрежи градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.

„Според првичните информации, до повикувачкиот центар во општината, се пристигнати дваесетина пријави за поплавени подрумски простории.

Екипи на ТППЕ Кавадарци, ЈП Комуналец и “Мој општинар” се на терен.

За половина час наврнале 40 литри/м2. На улица ,”Беласица” се отстранува паднато дрво од силниот ветер, а се расчистуваат и наноси од кал“, информира Јанчев.

Од силниот дожд вода има навлезено и во зградата на општина Кавадарци.

Од општина Кавадарци ги известуваат сите граѓани кои имаат

било каков проблем да се јават во Кол Центарот на општината на бројот 13 300.

За невремето информираат и од Центарот за управување со кризи.

„Вечерва подрачјето на Кавадарци го зафати невреме проследено со обилни врнежи на дожд. Од невремето поплавени се десетина подруми од куќи, како и средишниот дел од главната ул.7-ми Септември на која во моментот 3 екипи со механизација работат на расчистување, а за испумпување на водата од поплавените подруми на терен се екипи од пожарната од Кавадарци со 2 пумпи и екипа од Комуналец од Кавадарци со две пумпи“, стои во објавата на фејсбук од страна на ЦУК.



Спонзорирани линкови

Маркетинг