Почина дизајнерот кој преживеал хорор во Хирошима: Неговата мајка починала од радијација, а без неговите ролки Стив Џобс едноставно не можеше

Точка

09/08/2022

16:56

6.749

Големина на фонт

а а а

Јапонскиот моден дизајнер Исеј Мијаке кој ја основаше истоимената модна куќа, почина на 5-ти август на 84-годишна возраст, пишува „BBC“.

Веста ја соопшти неговата модна куќа во Токио.

Славниот креатор почина од рак на црниот дроб, а бил погребан во кругот на семејството и пријателите.


Кариерата на познатиот дизајнер траеше подолго од половина век, а остави траг во светската мода со креациите инспирирани од технологијата и парфемите.

Неговите модели се сметаа за револуционерни, а ќе остане запаметен и како креатор на познатите црни ролки кои ги носеше Стив Џобс. Имено, соосновачот на „Apple“ го замолил дизајнерот да ги креира легендарните џемпери и тој наводно изработил 100 парчиња по цена од 175 долари.


Исеј Мијаке беше познат по тоа што во текот на својата долга кариера работеше и со традиционални и со модерни модни техники.

Роден е во Хирошима во 1938 година, а имал само 7 години кога неговиот роден град бил уништен од атомската бомба која ја фрлија Соединетите Американски Држави.

Во 2009 година, Исеј напиша во „New York Times“ дека не сака да биде познат како „дизајнерот кој преживеал атомска бомба“.


„Кога ќе ги затворам очите, сè уште гледам нешта кои никој не би требало да ги доживее. Три години по нападот, мојата мајка почина како последица од радијацијата“, изјавил Мијаке и додал дека повеќе сака да размислува за работите „кои можат да се создадат, а не уништат и кои носат убавина и радост“.

Сакал да биде танчар или спортист, но тоа се променило откако започнал да ги чита модните списанија кои ги купувала неговата сестра. Студирал графички дизајн на уметничкиот универзитет во Токио, а потоа се преселил во Париз во 60-те години, каде работел со познатиот Ибер де Живанши. Накратко се преселил во Њујорк, пред да се врати во Токио во 1970 година каде го отворил студиото „Miyake Design“.


До 80-те години на минатиот век беше славен како еден од првите светски дизајнери кој работел со најразлични материјали – од пластика до метал како и со традиционални јапонски материјали и хартии.

Мијаке стана познат и по создавање на стил кој е високотехнолошки, но практичен и удобен, и беше познат не само во јапонската модна индустрија, туку и на глобалната модна писта.


Неговата модна куќа разви многу барана облека за мажи и жени како и чанти, часовници и парфеми – се зборуваше дека шише парфем, лансиран во 1992 година, се продавало на секои 14 секунди.




Спонзорирани линкови

Маркетинг