Пршута од мечка и соба од 640 евра: Џонсон ужива во луксузен балкански еко-ресорт, а Британците не знаат како да „врзат“ крај со крај поради трошоците за живот

Точка

09/08/2022

10:47

29.515

Големина на фонт

а а а

Британскиот премиер во заминување, Борис Џонсон, поминал „мини“ меден месец со сопругата Кери во Словенија, во еко-хотел каде ноќевање чини 640 евра и тоа во моментот кога Британците се обидуваат да преживеат со оглед на високите трошоци за живот.

Џонсон одлучил да се одмори со сопругата во еко-хотел со пет ѕвезди – Вила Планинка, кој може да се пофали со своите „велнес“ понуди и каде гостите „ ќе ги забават и усогласат своите ритами со внатрешната рамнотежа“, благодарение на енергетските точки (ги има четири) кои се откриени пред многу векови во дворот на вилата.

Ниту една од 23-те соби нема телевизор и друга електроника, а wi-fi е достапен само во предворјето, додека пак во собите се поставува доколку гостите го побараат, пренесува „Daily Mail“.

Цената на ноќевање во соба со тераса од која може да се ужива во идиличната природа е од 290 до 640 евра, а од премиерскиот кабинет било порачано дека Борис платил сам за еднонеделен одмор во планина во Словенија, поточно дека не одмарал на сметка на своите граѓани.

Прашан претходно дали Џонсон го платил неговиот пат во Словенија со својата сопруга, портпаролот на премиерот изјавил: „Ниту денар од даночните обврзници не е искористен за ова. Тоа беше приватен одмор“.

Џонсон, којшто ќе остане на премиерската позиција до изборот на новиот лидер на конзервативците на 5 септември, се најде на жесток удар на критики поради тајмингот на својот мини меден месец, во моментот кога многу од граѓаните на Велика Британија одвај крпат крај со крај, каматната стапка е зголемена на највисоко ниво од 2008 година, а економистите предупредуваат на долга рецесија.

Годишната стапка на инфлација во Велика Британија го достигна највисокото ниво во последните 40 години, поради војната во Украина која дополнително ги зголеми цените на храната и горивата. Се стравува дека Британија би можела да се соочи со најголемиот пад на животен стандард од 50-те години на минатиот век.

Словенечкиот ресорт во близина на селото Језерско, на околу 30-на минути од Љубљана на своите гости им ветува баланс и енергија како и пршута од мечка.

Исто така тој нуди и веганска тоалетна хартија и вода од славина со најголемо количество на магнезиум во Словенија за која се вели дека е добра за срцето.

Парот и претходно уживал во бесплатните патувања во раскошна вила во Шпанија и на карипски остров во текот на престојувањето на Даунинг Стрит.

Сопствениците на вилата, Катја Батајејљ и нејзината ќерка Лана изјавиле дека тој бил еден од најпримерните гости.

„Беше воодушевен од храната и пијалаците. Доколку се сите гости како него, каде ни би бил крајот“, раскажала сопственичката на вилата.

Според нејзините зборови, брачниот пар Џонсон сака да планинари, а тие се капеле и во локалното езеро и ги посетиле и пештерите.

На медениот месец не ги повеле и своите деца – Вилфред којшто има две години и седумгодишниот Роми.

Покрај бањите со финска и инфрацрвена сауна, внатре во Вила Планинка постојат и неколку други активности во состав на планината, вклучувајќи и излети со велосипед и романтични вечерни прошетки.

Ресторанот вила за своите производи ги бира локалните диви животни, а мечкината пршута исто така е на менито кое се состои дури од седум јадења по цена од 78 евра.



Спонзорирани линкови

Маркетинг