Гордон Ремзи крена прашина со видеото на кое „бира јагне за печење“

Точка

05/08/2022

17:34

4.915

Големина на фонт

а а а

Славниот британски готвач Гордон Ремзи подигна голема прашина со видеото на ТикТок на кое „бира јагне за печење“, а по ваквата случка се огласија и од ПЕТА.

Ремзи кон крајот на минатиот месец на својот ТикТок објави снимка на која се гледа како влегува во трло со овци и јагниња, преправајќи се дека бира кое животно ќе влезе „прво во рерна“. Иако се претпоставува дека со ваквиот потег сакал да ги насмее своите следбеници, тоа не му успеало.

На видеото е прикажано како славниот готвач се прекачува во одвоениот простор на фармата, со зборовите „Ќе ве изедам“ додека се гледа како некои од јагнињата наивно му се приближуваат.

„Ммм, њам, њам, њам... Кое од вас оди прво во рерна?“, се запрашал Гордон, триејќи ги рацете, а потоа со прстот покажал кон едно од нив.

„Ти“, вели тој на видеото, покажувајќи кон едно од јагнињата, а потоа скокнал во трлото со што ги исплашил животните.

Сепак, интересно е што ваквата снимка доби над 1,3 милиони лајкови, но и бројни реакции од корисниците на ТикТок кои не биле воодушевени од оваа глетка.

„Ова ја преминува границата. Тажен е светот во кој живееме“, е еден од коментарите, а други порачале дека ја ценат работата на готвачот, но дека овој момент „не му требал“.

Целата ситуација ја искоментирала и потпретседателката на ПЕТА, која имала прилично остар коментар за објавата на Ремзи.


„Гордон Ремзи прави будала од себе. Плашењето на нежни јагниња е бесмислено, а не забавно. Она што би било смешно е ако неговите деца станат вегани и се одречат од него, слично како што ќерката на Илон Маск се одрече од својот татко“, изјавила Елиса Ален за британскиот „Metro“.

Таа додала и дека животните на видеото се „бебиња кои од животот сакаат повеќе отколку прилика да го живеат, а не да завршат во устата на овој или кој било друг идиот“.

За потсетување, Гордон Ремзи важи за врвен готвач, но често е критикуван, како поради вртоглавите цени во неговите ресторани, така и поради неговиот арогантен став, а со ова, се чини, се оддалечи уште еден чекор од своите обожаватели.



Спонзорирани линкови

Маркетинг